70 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НА СОУ „ЈОСИФ ЈОСИФОВСКИ“-НОСИТЕЛ НА ОБРАЗОВНИТЕ ПРОЦЕСИ ВО ГРАДОТ И РЕГИОНОТ

СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија го одбележа патрониот ден. Со низа свечености учениците и вработените од училиштето во знакот на одбележувањето на седумдесетгодишното постоење на гимназиското образование потврдија уште еднаш дека гевгелиската гимназија е носителот на образовните процеси во градот и регионот.
 
Свечената прослава се одржа во Народниот театар, пред голем број родители, професори, ученици и советници. Со пригодна програма подготвена од учениците и нивните професори-ментори: Розета Картова, Илија Атанасов, Бисерка Макревска, Даниела Џишева, Александра Ќаева, Тони Аврамов и Жаклина Атанасова, чувме рецитации, свечени песни, ликовна изложба и музичка програма на македонски и странски популарни музички нумери.
 
На почетокот од свеченоста свое обраќање имаше директорката на училиштето Марија Танева, која меѓу другото истакна:
 
„Нашиот училиштен центар од година во година го менува и подобрува својот облик, со првенствена нагласка да стане попријатен и пофункционален за реализирање на воспитно-образовната дејност и сите предвидени наставни програми. Во тек сме со иновативни методи, нови пристапи и следење на сите актуелни случувања кои можат да го усовршат и подобрат наставниот процес и на нашите професори и ученици да им дадат нови перспективи за стручен и индивидуален развој, во функција на современото општество.
Се гордееме со нашите достигнувања, но во исто време се обидуваме и да пронајдеме начини за уште повеќе мотивација, уште посилна желба и поддршка да се постигне уште повеќе и да се стигне уште „подалеку“.
Времето во кое живееме не’ соочува со многу предизвици. Видовме настани необични за нашето паметење, сите стоевме пред можноста да одговориме на потребите во околности кои го отежнуваа комплетно нашето секојдневие.
Нека ни е честит патрониот празник на Училиштето , нека не’ радуваат нови предизвици, успеси и достигнувања. Нека има причини за славење. Со радост да ги дочекуваме сите празници и секој нов ден нека ни е празник за да го славиме животот и секоја негова пројава.“
 
Во учебната 1945/1946 година во Гевгелија е отворена првата неполна гимназија, а со решение на Советот за просвета, наука и култура при Владата на Република Македонија, на 7 јули 1952 година, таа прерасна во Полна(осумкласна) гимназија. За четири месеци, со доброволни акции и материјални прилози од ученици, наставници и граѓани, изградена е новата гимназиска зграда во близина на Железничката станица. Свеченото предавање во употреба на оваа зграда се случи на 28 септември 1952 година со трети,петти и еден шести клас.
 
Плејада на просветни работници, воспитувачи и едукатори ги вложувале и ги вложуваат своите знаења за воспитување и афирмација на образовните вредности на младите генерации од општина Гевгелија. Многу од завршените ученици во гимназијата „Јосиф Јосифовски„ денеска се значајни стручњаци, потврдени личности и афирмирани дејци. За време на своето школување најнадарените ученици биле добитници на врвни државни и меѓународни натпревари, постигнувајќи резултати достојни за почит.
 
Сите тие, и професорите и учениците, остануваат во спомените, во сликите, во советите што си ги давале еден на друг, во добриот збор, во секојдневните шеги и постапки, во работата и во издигнувањето на СОУ „Јосиф Јосифовски„.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *