73 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ТИНА АНДРЕЕВА-ЦВЕТА, ВОЕН КОМАНДАНТ И МАКЕДОНСКА ХЕРОИНА

На 21-годишна возраст, на 13 мај 1949 година, во борба против грчката владина војска загина македонската хероина на Вичо и Грамос, Тина Андреева – Цвета.
 
Таа е меѓу најистакнатите македонски жени – борци на ДАГ, кои храбро се бореле за слобода на македонскиот народ. Демократската армија на Грција била под команда на Комунистичката Партија на Грција и се борела за воспоставување на комунистички режим на народна демократија во Грција под покровителство на СССР. Армијата броела 35.000 војници од кои 20.000 биле регрутирани од Егејска Македонија, од кои 14.000 биле етнички Македонци.
 
Псевдонимот го добила според толкувањето на ликот на Цвета во претставата Македонска крвава свадба од Војдан Чернодрински, која за првпат била изведена во селото Емборе, Кајларско, во 1944 година. Кон овој податок, една дигресија, интересено е да се дополни и тоа дека на денешен ден во 1901 година, македонскиот драматург Чернодрински ја формирал првата македонска театарска група „Скрб и утеха“.
Катина (Тина) Андреева е родена во костурското село Мокрени, во Егејска Македонија во 1928 година, а загинала како воен командир и херој на ДАГ.
Таа е ќерка на Кузман Андреев и правнука на костурскиот војвода на ВМРО Никола Андреев (Алај Беј).
 
Тина Андреева во Втората светска војна била член на Грчката антифашистичка младинска организација ЕПОН. Поради нејзиното подоцнежно членување во НОМС и НОФ (од летото 1945), била уапсена и ѕверски мачена, но поради недостиг на докази била ослободена. Наскоро преминала во илегала и станала борец на ДАГ (1946). Го посетувала курсот за подофицери на планината Грамос (1947), а потоа како командир на вод учествувала во околу 90 борби на планината Вичо, на Грамос, кај Сињача, кај Коњица и на други места. Таа била делегат и во претседателството на Првата конференција на Сегрчкиот сојуз на демократските жени (1949), а потоа и на Вториот конгрес како претставник на партизанките од Вичо.
 
Хероината загинала во напад за освојување на стратегиски врв. Двапати била одликувана со Орден за храброст и е прогласена за Херој на ДАГ. Во нејзина чест бригадното раководство го покренало издавањето на весникот „Цвета“.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *