20 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НА „G-STORE“
БОРИС ЛЕФСКИ РИСТОВ:
„ЈАС НИКОГАШ НЕ БИ МОЖЕЛ ДА РАБОТАМ ВО СТРАНСТВО. ДОМА СИ Е ДОМА. АКО СЕ ПОТРУДИШ, ЌЕ УСПЕЕШ.
20 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ НА „G-STORE“ ГО ДОКАЖУВА ТОА. “
Македонија од секогаш била меѓу првите десет земји во светот според невработеноста на младите. Младите исто така, од секогаш го преферираат јавниот пред приватниот сектор, а мал број се подготвени да започнат сопствен бизнис.
Еден од оние кои се одважиле да започнат свој бизнис е нашиот соговорник, Борис Лефски Ристов, сопственик на компанијата „Лефски ДООЕЛ“ која го носи брендот на популарната меѓу гевгеличани продавница „G-Store“.
Тој е очигледен пример дека има шанси за работа во државава за секој млад човек кој својата иднина ја гледа тука, наместо надвор. Само треба да се биде упорен и работлив.
1. Колку години постои Г-сторе и колку вработени има?
Комапнијата ЛЕФСКИ ДООЕЛ која го носи брендот на продавницата Г-СТОРЕ е основана 2002-ра година и успешно работи од тогаш до денес. Две мали симболични информации кои ќе ги откријам, малку кој ја знае дека Г-Сторе името го добива од кратенка која значи Гевгелија Сторе во чест на градот во кој работиме, а пак фирмата е ЛЕФСКИ во чест на Фамилијата од која потекнувам.
Во моментот сме тројца вработени но, бројката се менува во зависност од работата.
Значи оваа 2022-ра година славиме 20 годишнина од нашето работење, а во работата со компјутерите тоа е долг период.
2. Ти си економист, а отвори фирма за компјутерска опрема и сервисирање, од каде љубовта кон компјутерите?
За жал не успеав да си ја остварам мојата животна желба да студирам некој технички факултет, па, завршив Економија. Љубовта кон компјутерите е од детството и иако немам формално техничко образование, по пат на надградби, обуки и константна едукација, успевам, заедно со вработените, да пркосиме на секојдневните предизвици на информатичката технологија. Искуството од 20 години, a Економскиот Факултет пак ми помага во трговскиот и финансискиот дел на работата со компјутерите, односно продажбата.
Морам да потенцирам дека за секторот во кој работам нема формално образование и дека на ниеден факултет не се учи оваа материја што сега ја работиме (на факултет не се учи да се сервисираат компјутери, мобилни телефони и принтери) така да сè се „врти“ околу желбата да се надградуваш и способноста да се снајдеш.
3. Која е основната дејност на Г-сторе и какви услуги нудите на вашите клиенти?
Основната дејност на Г-Сторе е производство, продажба и сервис на компјутерска опрема, сервис на мобилни телефони, продажба и сервис на печатачи – особено значајно за големите фирми кои имаат поголеми потреби од професионални решенија за поголем тираж за печатење, одржување на компјутерска опрема и мрежи , изведба на мрежи за мали и големи клиенти, како и продажба на потребен материјал за секојдневно работење на малите и големите клиенти т.е. потрошен материјал, тонери и слично.
4. Со какви потешкотии се среќававте на почетокот а со какви денеска?
Нема да сум скромен од моја страна да кажам дека во последните 20 години низ кои функционираме, ги имаме поминато сите кризи и премрежја со кои верувам дека се соочија сите компании, не само до оваа дејност туку и од сите други. Но, кога започнавме беа други времиња и имаше други „играчи“ на пазарот, а секое време си носеше свои предизвици. На почетокот, предизвик беше да се пробие пазарот, да ме откријат муштериите, да ја пласирам својата идеја, да покажам дека сум сериозен. Денес пак, има некои други предизвици и повторно други „играчи“. Сега пак, предизвик е да се докажувам ама пак со квалитет и сериозност, затоа што, друга алтернатива и нема. Комапниите што се занимаваат со цена, а не со квалитет за многу брзо време ги снемува од пазарот. Нашата цел е да останеме присутни, ама со задоволни клиенти.
5. Тешко ли е со оглед на денешната ситуација кај нас и во светот да набавуваш опрема која ти е потребна?
Во моментот целиот ланец на набавки е во тотален колапс. Растот на цените најпрво почна во нашиот сектор, цените се во нагорна линија баш заради недостаток на стоки и доцнење на испораки. И покрај тоа,без никаква помош, успеваме да пркосиме и со инвентивни методи, успеваме да обезбедиме сè што е потребно да се продолжи со работа. Годините на искуство и стабилност ни помагаат во тоа.
6. Дали може пристојно да се живее од ваков вид на услуги, со оглед дека има повеќе вакви фирми низ општината?
Секако! Неможеш да се збогатиш, нити пак да бидеш новиот APPLE или HP, но, пристоен живот и егзистенција можеш да обезбедиш. На пазарот има место за сите и конуренцијата кај нас е позитивна спрега.
7. Многу млади си заминаа од Гевгелија, ти остана. Се прашуваш ли некогаш зошто и ти не си заминал во странство, како што тоа го прават многу млади од Гевгелија?
Иако сум имал шанси, не велам не, но јас како личност никогаш не би творел на друго место. Дома си е дома. Ако добро се потрудиш може да се успее и тука, нашето 20 годишно постоење го докажуваат тоа.
8. Имате стекнато добра репутација во општината, тешко ли е да се одржува квалитетот на високо ниво и што е потребно за тоа?
Не! Воопшто! Секоја компанија има своја цел. Нечија цел е да заработи многу пари, а нечија да работи добро и квалитетно. Целта на мојата компанија е: задоволni клиентите, а добивката сама си доаѓа со годините. Задоволни клиенти значи редовни и лојални клиенти, а тоа пак значи … долгогодишна успешна работа. Нашата цел низ годините успеваме да ја оствариме и на тоа се гордееме. Затоа Г-Сторе како бренд опстојува со сите услуги и продадени артикли и се надеваме дека ќе опстојува уште многу години.
9. Доколку не го работеше ова, со што би се занимавал?
Тешко прашање за мене. Јас ја работам работата од моите соништа и искрено уживам во неа, така да ова неможам да го одговорам. Сигурен сум дека Гевгелија и околината како пазар тоа го гледа за што суди и нашата долговечност. Нашата мисија е да ги оствариме потребите на клиентите на квалитетен начин и тие секако, да бидат задоволни, а клиентите да нè сметаат на сигурен партнер, со кој можат да работат. Со тоа двете страни се задоволни.
Прегледи: 668
