ТРИ СЛИКИ ЗА ЕДНА ЛЕГЕНДА!

ВО СПОМЕН НА ДРАГИША СОЛДАТОВИЌ – ЛАБИШ, МАКЕДОНСКИОТ ОСКАР ПИТЕРСОН
Деновиве се навршија 14 години од заминувањето од овој свет на македонскиот џез-музичар Драгиша Солдатовиќ – Лабиш. Има малкумина музички фанатици со кои сум се дружел во текот на тинејџерските денови. Меѓу нив ,нека ми простат другите, би издвоил двајца, едниот е Аки а другиот е Лабиш. За жал и двајцата повеќе ги нема. Прегореа во својот музички фанатизам, едниот оваа година, другиот пред 14 години.
Лабиш го помнам токму како што е фатен на сликата која ја постирав. Секогаш со цигара Дрина без филтер во устата, како пребира по клавијатурата, додека пепелта се разлива на клавишите, а низ очите му течат солзи од чадот на цигарата. А, кога таа, цигарата, ќе догори до самиот крај, тој , не престанувајќи да свири, со едната рака вади нова цигара од кутијата, ја запалува и „ Smoke gets in his eyes“.
Лабиш немаше класично музичко образование, но имаше душа за музика. До последниот здив живееше за музиката, таа му беше се.
Кога чув на времето, за веста дека мојот другар од тинејџерските денови, повеќе го нема низ главата веднаш ми поминаа три слики, кои сакам да ги споделам со вас.
Слика прва,
Три фигури под превезот на ноќта, како некои разбојници полека се прикрадуваат до зградата на Педагошката академија. Го отвааат пенџерето на една од собите каде се наоѓаат клавирите на кои вежбаат студентите, и прескокнувајќи влегуваат во темната просторија. Го палат светлото. Лабиш седнува зад клавирот кој поради експлозивното свирење на „надарените“ студенти, нема една или две типки и почнува да свири. Му се придружува и Аки, и започнува концерт за четири раце, еден клавир и еден гледач, мојата маленкост. Чуварот не може да го слушне концертот, зошто е од другата страна на зградата. И така, ноќ за ноќ, се до моментот кога истиот тој чувар, поради големата бучава што се слушаше, не не изненади една вечер. Не завршивме во полицијата бидејќи тој виде дека се работи за фанатици, или пак и самиот беше љубител на музика. Кој ли ќе знае.
Слика втора
Едно време, во Скопје се отвори Американски културен центар.Toa беше голем културен шок за нас, младите, бидејќи овој центар, не само што беше опремен со голема библиотека, туку располагаше со голем фонд на грамофонски плочи, од различен жанр, од поп до џез. Знаевме да поминуваме цели попладниња во овој центар, љубопитно чепкајќи низ рафтовите и земајќи ги по неколку пати во нашите раце плочите кои не интересираа. И, додека јас и Аки окапувавме на одделот за рок музика, Лабиш целото внимание го насочуваше таму каде стоеа најновите изданија на најпознатите џез имиња. Во центарот даваа членски книшки, до кои тешко се доаѓаше, и со нив можеше да позајмуваме на неколку дена било која плоча, да ја преслушаме дома и потоа , нормално да ја вратиме. Еден ден Лабиш доаѓа до мене, држејќи во рака една плоча од Оскар Питерсон, која ја земаше пред тоа неколку пати. Ме погледнува под око и ме прашува како може таа плоча да ја земеме, ама да не ја вратиме, затоа што сум вљубен во овој клавијатурист, и морам да ја имам дома кај мене. Не знам како собравме храброст, не размислувајќи дека повторно, како со Педагошката академија, можеме да завршиме во полиција, но направивме план. Го прашувам, дали ти треба обвивката на плочата. Лабиш одмавнува со главата, што ќе ми е обвивка, ми треба плочата. И, така јас, демек како најитар, смислив начин како да ја изнесеме плочата од центарот. Како, тоа не можам да ви кажам, затоа што може да ги расипеме добрите односи со САД. Како и да е, Лабиш ја доби плочата и до бесвест ја вртеше на својот грамофон. Доколку се случеше некој да влезе во собата додека слушаме музика, тој знаеше дотичната особа да ја гаѓа со своите папучи.
Слика трета
Групата „Аманет“ освои прво место на Рок гитаријадата во Штип, а Лабиш беше прогласен за најдобар инструменталист
Низ македонската и светска поп рок историја имало групи и пеачи кои се појавиле, свиреле и пееле извесно време и потоа се растуриле, без да снимат ништо, или без да добијат некоја награда. Но, она што се случи некаде во средината на седумдесеттите години на минатиот век во нашата Македонија, заслужува со право да влезе во Риплиевата рубрика „Верувале или не“. А, зошто, следете ја приказната и ќе ви биде јасно.
Дали беше 1976, дали беше 1977, не се сеќавам. Знам само дека во станот на Аљоша Беговски, кој по потекло беше од Штип, бевме собрани неколку од рок фанатиците од Карпош 4 и Тафталиџе, седевме, потпивнувавме по малку и слушавме музика. Едно време, Аљоша ни кажува дека наредниот викенд во Штип ќе се одржи рок гитаријада и дека не е лошо да се пријавиме и ние да свириме.
Сите погледнавме бледо кон него, бидејќи тоа „ние“ се однесуваше на нас, неговите другари, Драгиша Солдатовиќ-Лабиш, Бошко Доневски, Андон Петков, и јас Љубчо Алексовски. А, ние, сиромашките, ниту имавме група, ниту имавме репертоар. Го имавме само неговиот ентузијазам дека, поради новата гитара која ја беше набавил, и поради нашето колку толку познавање на музиката и какво-такво свирење на некој инструмент.
Младост – лудост, се фативме на неговата јадица, бидејќи претседател на жири комисијата ни кажа дека бил неговиот добар пријател, саксофонистот Гоце Мицанов кој знае што е добра музика и што се добри музичари. А, нели, ние сме тие добрите, и има шанси да освоиме некое од првите три места, кои носеа тогаш некој си минимален паричен износ.
И, така започна нашиот „пат кон славата“ . Најпрво, требаше да се најдат пари за автобуски билет до Штип и назад. Тој дел половично беше исполнет, затоа што присобравме пари само за билет во еден правец. Инструменти не требаше да носиме, фала му на господа, освен, нормално Аљоша и неговата чичка нова „Ибанез“ гитара, и Андон Петков-Дона, и неговиот бас. Бошко Доневски-Раме не требаше да ги носи своите тапани, ниту Драгиша-Лабиш, клавијатурите, бидејќи организаторот имаше обезбедено коплетна опрема и озвучување.
Значи, поголемиот дел од „операцијата Штип“ беше „завршен“, остануваше оној „најлесниот“, а тоа беше кои три композиции ќе ги свириме, и, внимавајте, една од тие три да биде наша сопствена. И, заборавив да напоменам, муабетот за одење на гитаријадата се прави во петок навечер, а во Штип се тргнува во сабота сабајле. Време за подготовки,и вежбање, колку ти душа сака.
Нејсе, се договоривме двете композиции да бидат во стилот на џез рокот, без вокал, бидејќи Лабиш и Раме беа виртуози на своите инструменти уште тогаш, и можеа да импровизираат колку ти душа сака, додека третата да биде вокално инструментална, на која требаше како вокалист да настапам јас, кој до тогаш само статирав на некои од игранките на групата „ТОРР“.
Време за вежбање, нормално немаше, и затоа искористивме цели 2 часа од возењето со автобусот кон Штип, да , на слепо, што би се рекло, со уста и тропање на седиштата, да ги извежбаме трите композиции.
Стигнавме во Штип, отидовме на ракометното игралиште, каде се одржуваше гитаријадата, се пријавивме под името „Аманет“, и го чекавме својот настап. Повеќе мислевме како ќе се вратиме во Скопје, отколку како ќе поминеме на самата гитаријада. Пари за јадење и за автобус-јок.
И, така, потонати во своите мисли, најавувачката го изговара името на нашата група. Излеговме, мислиш дека сме „Лед Цепелин“, неколку моменти за штимање и, господ кажа, нека биде музика, и бидна музика. Немам поим што и како свиревме, имам црна дупка во помнењето, само запаметив дека во еден момент од органата на која свиреше Лабиш отпадна едната ногарка, а Лабиш, како ништо да не се случило, со едната рака ја придржуваше органата да не падне, додека дечките не ја заштрафија, а со другата не престана да свири.
Нашиот настап конечно заврши. И, да не должам многу. Стоиме под една липа и чекаме да ги објават резултатите, и размислуваме како ќе се враќаме назад, во Скопје. Најавувачката го објавува името на групата, не нешето, што освои трето место, на кои ние однапред да ни кажеше некој ќе се согласевме да го освоиме бидејќи наградниот фонд беше доволен за билети и сендвичи. Ги најави и добитниците на втората награда, нормално пак не нашето. Ние, како да не облеал ладен дожд се гледаме еден со друг и правиме во себе планови што сега. И, од таа благопријана нирвана го слушаме милозвучниот глас на најавувачката, и… првото место и паричана награда во износ од…. динари освои групата „Аманет“ од Скопје.
Што да ви кажам, од тогаш почнав да верувам во онаа реченица на Паоло Коељо, „Кога нешто сакате, целиот свет прави заговор за да ви помогне да го постигнете.“
Лабиш, ми беше чест и привилегија што те познавав и што другарувавме.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *