Професорот во пензија , Ристо Стамков е личност која во себе соединува три големи љубови, љубовта кон пишувањето, љубовта кон историјата и љубовта кон музиката.
Љубовта кон пишувањето ја има стекнато слушајќи ги многубројните приказни од неговиот дедо Ристо Шутов и од Гоце Каракабаков. Неговата прва книга излегува во далечната 1979 година во рамките на манифестацијата „Дојрански ракувања“.
Љубовта кон музиката ја стекнува прв пат слушајќи го звукот на виолината во Стојаково, звук кој засекогаш ќе му го плени срцето.
30 години бил раководител на „Распеани гевгеличани, а 10 години ја водел женската пензионерска пејачка група „Сава Михајлов„
За својата последно издадена книга „ Село Смоквица, минато и сегашност“, Стамков ќе рече:„Поттикнат од сознанието дека населеното место Смоквица има богата традиција и историја, како и од фактот дека од ова село излегле повеќе видни имиња кои оставиле своја трага, не само во Гевгелија, туку и во Македонија, се нафатив да напишам една пообемна книга, која ја пишував подолго време.
Развојот на населбата го презентирам од почетокот на неолитот(новото камено време), па се до денешните времиња во кои информатичката технологија доживеа невиден напредок.
Пределот околу Смоквица е богат со археолошки наоѓалишта, па така во наоѓалиштата во Градиште, Туфка, Мраморот, Падарник, Голи рид, се откриени артефакти кои потекнуваат од неолитот, Пеонското време, бронзениот период, и пронајдоци од средниот век.
Потоа го опфаќам во мојата книга и Османлискиот период, во кое време се појавуваат личности како Иван Касапов, Тодор Гајдов, Христо Петров и посебно Коста Христов Делиманов, викан Попето, познатиот гевгелиски војвода.
Инаку, од село Смоквица во книгата се наброени познати имаиња, како што е познатиот македонски публицист и историограф, Ангел Динев, чие дело Двотомната Илинденска Епопеја е реиздадено во 1978 година.
Во Смоквица е роден универзитетскиот професор, доктор Владо Картов, кој предавал Историја на државата и правото, и автор на книгите „Гевгелија до Балканските војни“ и „Гевгелија од Првата светска војна до ослободувањето“.
Ова населено место може да се пофали со двајца стручњаци по земјоделски науки, Лазар Алиџаков и Лазар Марачков, еден доктор на воени науки, Томо Ристевски, докторот по медицин, Боро Костаќев, како и првата жена од овој крај која завршила Педагошки факултет Стојанка Богоевска (Бундова ).
За реализација на овој труд, Ристо Стамков имал огромна помош од Слободанка Дуева и Дамјан Ѓуров, директори на Библиотеката „Гоце Делчев“, како и Ѓорѓи Дебников, а околу техничкиот дел се потрудила печатницата „Софија“ од Богданци како и Валентина Попова и Јован Роглев.
На крајот Ристо Стамков ни кажа дека не мирува и дека во завршна фаза се три книги, едната за селата Давидово и Милетково, втората „Приказни од животот“ и третата „Збирка стари љубовнии песни од гевгелискиот крај“.
За самиот крај Ристо ни отпеа народна песна од миравскиот крај кој ја слушнал од Димитар Јованов. Се работи за љубовта на една млада жена со две деца, во виорот на Првата светска војна, кога нејзиниот сопруг заминал на фронт, а таа се вљубува неизмерно во непријателски офицер Ангел, и кога тој си заминува, таа сакала да замине со него.