Денес, 26 април 2022 година, се навршуваат 79 години од излегувањето на првите партизани од гевгелискиот крај. Во историјата е запишано дека на вториот ден на Велигден, вечерта на 26 април 1943 година, првата група на младинци замина во партизани во местото „Раулот“, во пазувите на Кожуф планина. Имено, на тој ден Велигден, во Гевгелиско, народот се веселел на Вардарски рид. Окупаторската власт, па дури и Полицијата, не можела да претпостави дека во една таква празнична атмосфера и веселба некој ќе се осмели да излезе во партизани.
Но,така не мислеле Ристо Бајалски, Васка Дуганова, Ванчо Бајков и Алеко Ќаев од Гевгелија и Мито Теменугов, Коста Поп-Ристов, Ванчо Калчев и Ило Калчев од Богданци. Тие се првите партизани кои на 26 април заминаа во местото „Раулот“. Наредниот ден, на 27 април ним ќе им се придружат и Митко Зафировски, Илија Миов и Петар Мусев. Наредните денови, во партизани ќе заминат уште дваесеттина младинци од гевгелискиот и богданскиот крај.
Нивни водачи низ тајните шумски патишта до партизанската база на Кожуф биле Ванчо Бојмалиев и Јанко Тодоровски. На 10 мај, истата година, во присуство на политичкиот комесар на третата оперативна зона, Димката Ангелов-Габерот, се формира Гевгелискиот партизански одред што го доби името „Сава Михајлов“
Историјата ќе памети дека Гевгелиско даде вкупно 74 паднати борци и жртви на фашистичкиот терор, а само градот Гевгелија даде 13.
Вечна им слава.