ОПШТИНА ГЕВГЕЛИЈА И УНХЦР ПОТПИШАА ДОГОВОР ЗА УНАПРЕДУВАЊЕ НА МЕЃУСЕБНАТА СОРАБОТКА

Во Општина Гевгелија, денес, беше потпишан Договор за продлабочување на соработка меѓу канцеларијата на Високиот комесаријат на ООН (УНХЦР) и Општина Гевгелија од страна на претставничката на УНХЦР во нашата земја, Моника Сандри и градоначалникот Андон Сарамандов. Исто така, изготвен е и посебен акциски план кој е составен дел на Меморандумот за меѓусебна соработка, потпишан минатата година , а содржи конкретни активности, фокусни точки и временски рокови за имплементација која редовно ќе се ажурира и ќе се споделува со повисокото раководство на двете страни.

На настанот присуствуваа и директорот на Општата болница во Гевгелија, Митко Крџев, како и претставници од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Гевгелија, в.д директорката на Центарот, Васка Јанчев и социјалниот работник Руска Митрова.
 
Претставничката на УНХЦР, Моника Сандри, упати благодарност до граѓаните на општина Гевгелија за гостопримството и отвореноста, посебно, кога се во прашање мигрантите. Притоа, нагласи дека Општина Гевгелија добро се справи со предизвиците што ги донесе бегалската криза, додека, пак, Општата болница покажа како треба да се справува со наметнатата состојба, излегувајќи во пресрет на основното човеково право за здравствена заштита.
– Бегалците се голем предизвик за општините. Затоа, наша цел е покрај соработката со Централната власт која е насочена кон подобрување на законодавниот концепт, паралелно да остваруваме соработка и со локалните самоуправи. Со овој договор, се потврдува досегашната соработка на УНХЦР со Оштина Гевгелија, било да се работи за техничка помош, помош на НВО и, воопшто, поддршка на општините не само во справувањето со бегалците, туку и во решавањето на другите актуелни проблеми, особено проблемите со кои се соочуваа социјално ранливите категории кои живеат на територијата на Општина Гевгелија, нагласи Моника Сандри.
 
Таа ја оцени како одлична иницијативата за развивање на интернет алатката, односно веб порталот кој ќе го раководи Општина Гевгелија во соработка со ЦСР Гевгелија. Оваа алатка ќе придонесе за навремено детектирање и евидентирање семејства и поединци кои се нашле во социјален ризик и имаат итна потреба од одреден вид помош (како облека, хигиенски пакети, мебел, покуќнина, електрични апарати, итн.) како и достава на потребната помош до целните групи.
Општина Гевгелија, потенцираше Сандри високо котира во нашите извештаи како општина која знае во секој момент да помогне на луѓето кои поради различни причини бегаат од своите родни огништа. Затоа, продолжете, рече Сандри и натаму да бидете модел и пример за другите општини во Република Македонија.
 
Градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заблагодарувајќи се до УНХЦР за помошта што до сега ја донираа за општина Гевгелија, нагласи дека очекува воспоставената соработка да биде уште повеќе интензивирана во иднина, со опфаќање на ранливите категории граѓани, на територијата на Општина Гевгелија, на кои помошта секогаш им е добредојдена.
Бегалската криза од 2015 година, напомена Сарамандов, беше причина низ територијата на општина Гевгелија, од 1 јануари, 2015 до крајот на јуни, 2016 година да поминат 800.000 мигранти – бројка што сама по себе зборува за последиците од бегалската криза во една мала општина, каква што е Гевгелија. Граѓаните тогаш го демонстрираа своето традиционално гостопримство и покажаа посебна грижа, одговорност и хуманост. Не само за време на бегалската криза од 2015, туку и денеска, прифаќајки неколку украински семејства, кои најдоа свое засолниште од војната кај свои роднини и пријатели во Општина Гевгелија.
 
Директорот на Општата болница со проширена дејност, д-р Митко Крџев, доделувајќи Благодарница на претставничката на УНХЦР, Моника Сандри, се заблагодари на досегашната соработка со УНХЦР, која особено дојде до израз во последните две години, години на ковид кризата, кога беше донирана здравствена и друга опрема во вредност од 5.000 евра за Општата болница во Гевгелија, а исто така и за донираниот технички материјал потребен како на на пациентите така и на лекарите.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *