ДР. АНЕТА ЛИСИЧКОВА-ИЛИЕВСКА, НАЧАЛНИЧКА НА БИОХЕМИСКАТА ЛАБОРАТОРИЈА ПРИ ОПШТАТА БОЛНИЦА ГЕВГЕЛИЈА:

„ВО НАШАТА ЛАБОРАТОРИЈА ВО ГЕВГЕЛИЈА ИЗMИНАТИТЕ ДВЕ „КОВИД“ ГОДИНИ ИЗВРШЕНИ СЕ НАД 18.000 ЛАБОРАТОРИСКИ ИСПИТУВАЊА
 
Биохемиската лабораторија при Општата болница со проширена дејност во Гевгелија, активно беше вклучена изминатите две години во дијагностицирањето и лекувањето на ковид пациентите. Во напливот на ударните бранови на оваа пандемија, а особено кога доминантен стана делта сојот, се вршеа и над 80 лабораториски испитувања дневно, или вкупно во нашата лабораторија изминатите две години извршивме над 18.000 лабораториски испитувања, изјави за ТВ Нова 12, началничката на Биохемиската лабораторија при Општата болница со проширена дејност Гевгелија, д-р .Анета Лисичкова-Илиевска.
Се работеше во тие тешки денови 24 часа, со ротација, нормално, затоа што имаше и меѓу нас доста позитивни случаи. За жал имавме и една наша колешка, искусен лаборант, Весна Поп Гонова, која почина од последиците на Ковид-19, со тага во гласот се сеќава доктор Анета.
 
Заедно со докторите интернисти беше направен еден т.н ковид пакет, со кој се испитуваа петнаесеттина показатели кои можат да покажат некакви промени во состојбата на пациентите а кои беа важни во лекувањето на секој ковид пациент, вели доктор Лисичкова-Илиевска .
Многу важен показател, продолжи началничката , секако беа Д-Димерите, кај секој потежок случај беа правени и по неколку испитувања на овој показател. Во еден период не само кај нас, туку и во светот, се појави недостаток на скапиот реагенс, но навремено се распишуваа тендери за нивна набавка, така да тоа не се одрази на квалитетот на нашата работа.
 
Откако се отвори ковид модуларната болница, нашите лаборантки ги опслужуваа секојдневно пациентите кои беа таму сместени, на лице место, за да не дојде до мешање на заболени со здрави пациенти. Во исто време, потенцираше доктор Лисичкова-Илиевска, сите пациенти кои требаше да се примат и на другите одделенија во нашата болница, беа опслужувани во Биохемиската лабораторија.
Бевме вклучени и во испитувањето со брзите ковид тестови, имавме над 800 месечно, значи, да заклучам, сите позитивно суспектни пациенти ги примавме и вршевме анализи во нашата лабораторија.
 
Замор секако имаше, беше на почетокот присутна и една неизвесност и по малку страв од непознатиот вирус, но ние како медицински лица мораме и треба да бидеме подготвени на секој предизвик кој ќе се појави при нашето работење, истакна доктор Лисичкова-Илиевска. Таа им посака добро здравје на сите вработени колешки и колеги во Општата болница во Гевгелија, и на сите граѓани на општината и пошироко, со надеж дека најтешкото во битката со ковидот е зад нас.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *