Во писмото се повикуваат пратениците да размислат за делови од резолуцијата и условите поставени од Бугарија кои ќе имаат негативни импликации за македонскиот идентитет и ќе го поддржат ултиматумот што Бугарија го наметнува на Македонија, користејќи го членството во ЕУ како алатка.
Го поздравуваме фактот што предлогот за резолуција, како и претходните резолуции, повторно препорачува официјален почеток на пристапните преговори со Македонија (став 5 и став 69). Сепак, предлогот има содржини кои целосно ја поткопуваат оваа позиција.
– Ставот 75 ги воведува билатералните прашања како услов во процесот на пристапување. Поточно, текстот во овој став, кој што, меѓу другото, повикува „…да отпочнат пристапните преговори, при тоа истовремено да се решаваат нерешените билатерални прашања содржани во „мерките 4+1“ кои што треба да бидат доволно имплементирани и разрешени во текот на процесот на интеграција во ЕУ“, што е всушност одобрување на бугарското вето за почеток на преговорите.
– Понатаму, амандманот со кој што се воведува став 75-б, кој што повикува „на историско помирување врз основа на дефинираната заедничка историја, како што е предвидено со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка“, ќе го поддржи бугарскиот притисок да наметне сопствено толкување на историјата користејќи ја својата позиција како земја-членка на ЕУ. При тоа, Бугарија одбива вклучување на каква било форма на меѓународна експертиза во дискусијата за прашања кои се однесуваат и на европската историја, вклучувајќи го и Холокаустот.
– Амандманот 1 (за воведување став 75а) кој „жали за континуираниот недостаток на напредок во спроведувањето на неговите претходни препораки во врска со дискриминацијата на граѓаните кои што отворено го изразуваат својот бугарски идентитет и/или етничко потекло“ не е поддржан со докази. Во реалноста, граѓаните во Македонија слободно го уживаат правото на слобода на изразување и здружување, за разлика од ситуацијата во Бугарија, која не ги спроведува релевантните пресуди на Судот за човекови права, како што е наведено во Резолуцијата на Европскиот парламент од 8 октомври 2020 година за владеење на правото и основните права во Бугарија.
Во реалноста, сегашната блокада на пристапните преговори заснована на бугарското толкување на имплементацијата на Договорот за пријателство не само што е во спротивност со договорот од Преспа, туку целосно ги делегитимира неговите достигнувања. Условите што Бугарија ѝ ги поставува на Македонија во процесот на пристапување и кои што вие би ги поддржале со прифаќање на горенаведените текстови подразбираат негирање на македонскиот идентитет. Негирањето на македонскиот јазик доведе до блокирање на потпишувањето на Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) од страна на Бугарија. Предлогот за резолуција (став 40) „забележува дека договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) сè уште не е потпишан поради нерешени билатерални прашања“, но не ја наведува причината. Факт е дека Бугарија го блокира потпишувањето на Договорот, приговарајќи на употребата на „македонски јазик“, што покажува упорна негација на македонскиот идентитет. Ова не само што е спротивно на Договорот од Преспа, туку претставува сериозен ризик за заедничките интереси на ЕУ, Македонија и регионот во ситуација на геополитичка криза.
Ако ги прифатите позициите објаснети погоре, тоа би била крајно погрешна порака, која што дополнително ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ во Македонија и во регионот и нема да придонесе за стабилноста. Покрај тоа, реална е опасноста од создавање преседан кој што подоцна може да биде злоупотребен од други земји-членки за да се наметнат какви било нивни билатерални прашања или барања кон која било друга земја-кандидат.