СВЕТИ СПАС Е ЗАШТИТНИК И СПАСИТЕЛ НА ЛУЃЕТО И ПОСЕВИТЕ ОД ГРОМОВИ И ГРАДОНОСНИ ОБЛАЦИ

Свети Спасе зелен класе! Свети Спасе коња кове, коња кове за полето, да си иде ју полето, да си види берикето, арен ли е, добар ли е, или си е како што е? Море мале, стара мале, есеното са класуе, пролетното са никнуе. Љутен ојде смешен дојде, свети Спасе зелен класе!
 
Со празникот Спасовден се поврзани голем број обичаи и верувања од кои поголемиот број имаат претхристијанско потекло. Во таа смисла истражувачите на празничните обичаи и верувања истакнуваат дека времето кога се празнува Спасовден отприлика се совпаѓа со времето кога во претхристијанскиот период се празнувал празникот на божеството Спас, кое меѓу многуте божества ја имало улогата на заштитник и спасител на луѓето. Се верувало дека врховниот бог Перун од небото испраќал молњи и громови како и градоносни облаци, а божеството Спас со житен клас во раката ги спасувало посевите.
 
Во Гевгелиско пак, се верувало дека Свети Спас е тежок празник и аталија, дека тој може да спаси, но и да казни. Луѓето што одгледувале свилена буба на овој ден береле шума и кога ќе дојдело времето на свилената буба да и се дава шума најпрвин ја давале шумата набрана на овој ден.
Од Велигден до Спасовден сите четвртоци се Велики четвртоци. Тогаш не се работи особено не се прега јарем, за да не го уништува град полето. Овие пагански верувања црквата настојувала да ги искорени и преку свештениците постојано му укажувала на народот.
 
Кирил Пејчиновиќ во своето дело „Огледало” на овој проблем му посветил поголемо внимание. „Во едно село видох поп ореше во четврток, а прости сиромаси христијани некнижни отидоа да му строшат ралото и го учат попотого, му велат: „Денеска ли најде да работиш, поп чоек и книга знаеш!” И попот им вели това: „Дека знам книга, знам зошто не се држит денес. Ем сом прашал духовници, сом прашал и владика, ми рекле: четвртоци не се држат, ни петоци, салт недели и други велики празници.„ Они му велат: „Кога така, от сега не слушамо никого, ни духовник, ни владици, салт што сме нашле ќе држимо. Кога ќе ни утепат град, попови што ќе ни поможат после и владици? И ти попе ако држиш ка што држимо мије, ако ли не, а ти стани од селово, мије таков поп неќемо.” Пак попот виде не виде стори се каил да држит како ќе го учат мирјаните. Со све знаеќи, се стори ка да не знае, со све очи се стори како слеп, отиде не слеп по слепого, туку окат по слепого, помниште ради суетнаго века сего. Олеле безумие! Олеле безверие! Олеле безстрашие!”

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *