Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј и поглаварот на МЦ – ОА, Архиепископот г.г. Стефан, одржаа заедничка литругија во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул, откако во четвртокот Патријархот му го додели праксисот за каноничност на МПЦ-ОА на Архиепископот г.г. Стефан. Македонската црква повторно е во единство со сите православни цркви во светот.
Г Стефан литургијата ја водеше на македонски јазик. На службата присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
Овој настан е доказ за големината на дарот на Мајката црква кон вашиот народ, но и за одговорноста која ја понесувате, влегувајќи од денес во сеправославниот свет, рече Патријархот Вартоломеј на крајот на заедничката богослужба со Архиепископот Охридски Стефан во храмот „Св. Георгиј“ во Истанбул.
Архиепископот Стефан во говорот до Вселенскиот Патријарх рече дека на Партијархот добро му е познат копнежот на МПЦ-ОА да ја Охридската Архиепископија возобновена и уредена како автокефална Црква.
„Но, Господ ни е сведок, дека колку ни е надежта голема, уште поголема е нашата полна доверба во Вашиот суд, во Вашето расудување за времето кога треба да се случи уредувањето на овие работи. Вам Ви го оставаме судот на времето, но Ве молиме – не заборавајте нѐ, помагајте ни да растеме…. “, рече меѓу другото г.г Стефан.
Архиепископот Стефан рече дека „упорно ќе работат на свое издигнување и ќе ја чекаат радосната објава на Великата црква.
Делот од литургијата што ја водеше Архиепископот Стефан беше на македонски јазик.
На литургијата предводена од поглаварите на двете цркви присуствуваа и митрополитите дебарско-кичевски г. Тимотеј и преспанско-пелагониски г. Петар, како и епископите хераклејски Климент и антаниски Партениј, повеќемина ѓакони, како и монаси од Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ и монахињи од манастирот Рајчица „Свети Георгиј Победоносец“.
На Патријаршиска и синодална света литургија присустваа и стотици верници од земјава, кои специјално допатуваа во Истанбул по повод значајните настани кои деновиве се случуваат во древниот Фанар.