ГОРДАНА ПЕТРОВА НА ЕДЕН УНИКАТЕН НАЧИН ИЗРАБОТУВА УМЕТНИЧКИ ГЕВГЕЛИСКИ СУВЕНИРИ ОД КЕРАМИКА

Гевгелиската уметница, Гордана Петрова, веќе подолг период рачно изработува уметнички сувенири и реплики од пронајдени археолошки предмети на територијата на Република Македонија. Ја посетивме во нејзиното мирно „мини атеље„ во Пионерскиот дом, каде секојдневно, под нејзините вредни раце се раѓаат керамички предмети.
 
Нејзината биографија накусо би изгледала вака:
Родена во село Селце, Крушево, Гордана Петрова во 1982 година го завршува Училиштето за применета уметност во Скопје, како ученик на познатите Димо Тодоровски, Јордан Грабул и Петар Хаџибошков, за да во 1987 дипломира на Факултетот за уметност во Скопје, отсек вајарство, како студент на генерацијата.
Од 1993 година живее и твори во најтоплиот град во Македонија, Гевгелија, каде од 2000 до 2005 година во Народниот музеј во Гевгелија е ангажирана како хонорарен конзерватор на археолошки наоди од локалитетите во гевгелискиот крај. Во 2005 година, Петрова е ангажирана во Музеј на Македонија како автор за изведба на Музејски копии од 92 фигури, за поставката „Праисториските дами од Македонија„ која е единствена во светот, како и во Музеј на Македонија за изработка на идентични реплики од севкупната колекција на„ Винички икони. Во 2009 година била ангажирана како конзерватор на керамика и Ментор за реставрација на археолошки наоди од НУ Стоби, била дел од основачкиот тим на сувенирницата во Куќата на Мајка Тереза – Скопје, како автор, изведувач на сувенири за меѓународни посетители и како автор на уникатни сувенири за потребите на државните делегации при чевствувањето на Кирил и Методи и светицата Мајка Тереза при посета на Папата и Ватикан.
Освен за Гевгелија, Гордана Петрова има изработувано сувенири и за општините Дојран, Богданци и Неготино, како и за Попова кула и Македонско село.
 
Кога ќе ја погледне човек Гордана, онака ситна и кревка, не може да претпостави дека низ нејзините раце годишно поминуваат по околу 500 килограми глина. Тоа значи дека за изминативе 20 години со својата упорност, трудољубивост и љубов кон работата таа изработила неверојатни 10 тони керамички предмети, како што вели таа на шега, цел еден „шлепер“
„Го работам ова со многу љубов, и на еден карактеристичен и единствен до сега начин, со втиснување на глина во подготвениот калап, печење и рачно сликање. Се работи за уникатна рачна изработка, еден своевиден и мој препознатлив стил, во кои се измешани графички, сликарски и вајарски техники. На ваков начин низ годините, создадов една уникатна колекција на сувенири, а ги има 90 на број, кои во себе го носат печатот на разноразните мотиви и културни обележја од повеќе места во нашата преубава Македонија.“, ни кажа Петрова
Ја запрашавме како дојде на идеја да изработи оригинални гевгелиски сувенири?
„Тоа започна во 2013 година кога на распишаниот конкурс од страна на Општина Гевгелија, кога јас ја добив првата награда. Таа моја првична колекција, изработена од керамика, постојано ја надоградувам сите овие години со нови сувенири кои го носат печатот на ова поднебје. Ова го правам се со цел да се одржат и продолжат да живеат некои од старите занаети, како грнчарството, кое е традиција и обележје на државата.
Интересно е што многу од нејзините керамички предмети завршуваат и низ голем број институции во светот
„Изработувам копии автентични на оригиналот, комерцијални реплики за маркетиншки цели , но и музејски реплики кои се изработуваат во само 5 примероци, и се замена за оригиналот во Музејски поставки. Моите изработки наоѓаат место во институциите и по домовите на заинтересираните граѓани, како во државата, така и низ светот. До сега, дел од моите сувенири, како што се на пример тропалките стигнаа и до ООН, до музејот во Стоби, во Домот на Мајка Тереза.како и во Ватикан “
Се надевам, рече на крајот на нашиот разговор Петрова, дека наскоро овде во Гевгелија ќе имаме и Туристичко биро, каде овие мои предмети, но и сувенири изработени од други уметници, ќе може да се изложат и да се понудат на продажба на туристите кои во се поголем број ја посетуваат Гевгелија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *