ИАКО ГО НЕМА ДЕДО МИЛЕ, НЕГОВОТО ЗЕЛЕНО „ФИЌО“ СТАРО 50 ГОДИНИ И НАТАМУ МАМИ ВОЗДИШКИ

Додека беше жив, дедо Миле беше најстариот љубител и сопственик на „застава 750“, нагалено викана „фиќо“. Во поранешна Југославија, ова возило се произведуваше во фабриката „Црвена застава“ во Крагуевац. Производството почна на 18 октомври 1955 година и траеше полни 30 години и 10 месеци. Последното е произведено во 1985 година. Но, тоа не значи дека „фиќото“ исчезна од нашите патишта и од нашите сеќавања. Симболот на Југославија и на работничката класа ја доживува својата ренесанса како олдтајмер, како најомилено југословенско „сеќавање на тркала“.
 
Деновиве се навршија пет години од прераната смрт на Миле Мицковски. Гевгеличани го познаваа како семеен и мошне вреден човек, кој го заработуваше лебот како професионален шофер на товарни возила, кој во својата 44-годишна работа имаше поминато над 8 милиони километри. Роден е во Кичево, на 21 март 1956 година. Образованието го заврши во Гевгелија, а повеќе од 40 години работеше како шофер, најнапред 18 години во „Млаз“ од Богданци, а потоа, од 1995 година, во сопствената фирма „Далекс“, од каде што се пензионира со 47 години стаж.
 
Беше наградуван како најдобар возач на годината во избор на ИРУ АМЕРИТ, интернационален патен транспорт од Женева. За жал, тој прерано замина од овој свет, на 2 октомври 2018 година.
Освен како професионален возач, Миле беше познат и како сопственик на едно прекрасно зелено „фиќо“, произведено во 1974 година. Како што ми кажуваше, го купил во 1978 година од првиот негов сопственик, затоа што и неговиот татко имал „фиќо“, со кое тој и неговите родители се возеле „дури“ до Дубровник, на море. Во тоа време, „фиќото“ било најпопуларно возило во поранешна Југославија, па го користеле полицијата, пожарните и амбулантите. Миле со насмевка се сеќаваше дека патувале полека.
 
– „Фиќото“ имаше непријатни седишта – далеку од удобните автомобили денес, но некако успевавме сите да се стиснеме во него и да стигнеме каде што треба – се сеќаваше Миле.
Се прегревало често, па татко му некогаш го возел по пат со крената хауба, потпрена со парче дрво, за да се лади моторот.
Купеното „фиќо“, Миле мошне внимателно и со љубов го дотера и го „нашминка“ по свој ќеф, и со него учествуваше на голем број изложби на стари автомобили во Македонија и во странство. Во неговиот дом, неговите најблиски денеска грижливо ги чуваат стотината пехари, благодарници и признанија што ги освои тој низ годините.
 
Еднаш, кога го прашав кои му се највредни награди, ми одговори дека тоа се наградите за прво место на изложба во Швајцарија, два пати прво место во Рача, еднаш во Јагодина, како и второто место во Крагуевац. Но, сепак, велеше дека е особено горд на признанието што му беше доделено за најубаво „фиќо“ во Македонија.
За да им биде појасно на читателите колкава била приврзаноста на Миле кон ова возило, зборува и фактот што, иако му биле понудени 14.000 евра во Швајцарија, тој не сакал да чуе да го продаде.
При едно заедничко возење, морав да го прашам зошто е толку „затрескан“ токму во овој автомобил.
 
Ми кажа дека не само што го потсетува на детството туку и дека му прави задоволство кога се вози во него. – Пополека возам и уживам, иако може да го возам и до 120 километри на час, претпочитам да возам не повеќе од 80. А, кога одам на некоја изложба на олдтајмери – продолжи тој – е тоа е она вистинското. Се дружам со многу луѓе. На сите собири сме заедно, се смееме, се веселиме и си разменуваме искуства.
 
Наредната година, „фиќото“ на дедо Миле ќе наполни цели 50 години, а неговиот мотор сè уште „преде“ како задоволен мачор. Мојот пријател повеќе го нема, но останува сеќавањето на него секогаш кога ќе го здогледам низ гевгелиските улици зелениот „мики маус“, како што му е прекарот на „фиќото“ во Италија, Тополино. А, љубовта кон овој автомобил и традицијата за учество на изложби на олдтајмери, по смртта на Миле, ги наследи неговиот син, Александар, кој, исто така, досега има освоено голем број признанија, од кои последното е од 25 септември оваа година.
Со тоа, зеленото „фиќо“ продолжува да испишува историја, која се надевам дека уште долго ќе трае.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *