Поглед преку… е изложба од авторот Вангел Срнаков во која се претставени дела работени во техника „масло на панел /платно“,поделени во три жанрови на изразување: портрет, пејзаж и мртва природа.
Авторот од аспект на својот личен уметнички ракопис преку делата сака да даде поинакво естетско видување на нештата, конкретно на субјектот на перципирање, преку разновидните проѕирни материјали како што се: пластиката, фолијата, стаклото, водата…
Тематски акцентираниот видлив емотивен материјал, со својата целокупна визуелна интерпретација и фотографски ликовен третман ја преточува во една порака со апелациски став, согледана од двоен аспект – естетски и еколошки.
Во делата преовладува ригидно смирение кое си поигрува со емоциите на оној што го упатува својот поглед таму.
Вангел Срнаков, роден 1975 година во Гевгелија. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија–ДЛУГ. Еден од основачите на здружението Мултимедиа центар Гевгелија, а од 2011 година и претседател на истото.
Групни изложби: од 2006 сите изложби на Друштвото на ликовни уметници на Гевгелија- ДЛУГ, од 2007 сите изложби на Мултимедиа центар Гевгелија – ММЦ, 2013 „Во рамката” ММЦ, Скопско лето 2013, Скопје, „Show Your Hope”– Патувачка меѓународна изложба, 2017 „Paratissima 2017”, МКЦ, Скопје, „Несовршен простор”, Галерија Музеј- Струмица, 2018 „Canova prize”, Њујорк, САД, „Женскиот модел во ликовната уметност”, Галерија Музеј-Струмица, „Lessedra Gallery”, Софија, Бугарија Илустрации за книгата „Јужен глас” на Лилјана Пецова Илиеска, 2019 „Мултикултурна изложба” Отава, Канада и Вашингтон, САД, 2020 „Автопортрет во самоизолација” – Транзен Струмица, Мурал „Човек-природа-цивилизација” БОШ фестивал Гевгелија 2021 „Plastic” заедничка изложба со Христина Георгиева, Гевгелија, 2022 Илустрации за книгата „Алгоритмеа” на Стефан Марковски Самостојни изложби: 2015 ликовна галерија „Амам” Гевгелија, 2016 Центар за дизајн и иновации „Јавна соба” Скопје, 2019 „Дуализам – единство на контрастот” Пионерски дом Гевгелија, Галерија КО-РА, Дом на култура „Кочо Рацин” Скопје.