ТЕОДОРА ГОШЕВА-ТЕДА, МАКЕДОНСКАТА НИНА СИМОН МЕЃУ 100-ТЕ СВЕТСКИ ИЗВЕДУВАЧИ НА ПЕСНАТА „ONE“ СНИМЕНА ВО „ABBEY ROAD“ СТУДИОТО

Нашата сограѓанка, поп-пејачката и композиторката, Теодора Гошева-Теда, која многумина ја нарекуваат уште и македонската Нина Симон,и која ја паметиме по музичките натпревари како „Македонски Идол“ и Потрага по ѕвезди на „М2“ а подоцна, заедно со својот брат Глигор, и како членка на групата „G-Notes“, деновиве е дел од еден мега проект насловен „100+ ЗЕМЈИ ПЕАТ ЗАЕДНО ЗА ЗЕМЈАТА“
 
Имено, за прв пат, музички уметници од 100 земји од светот, предводени од Роџер Монтехано, продуцент и основач на фондацијата ДИЛИ КИ и член на Академијата на Grammy наградите, создадоа песна за нашата мајка, планетата Земја. ДИЛИ КИ на сумерски, првиот пишан јазик во историјата на човештвото, значи „Една земја“. Тие се непрофитен музички проект кој ја користи музиката за да ја подигне свеста за еколошките проблеми на нашата планета опасни по живот и да создаде ресурси за борба против нив.
 
Песната носи наслов „ONE. Оваа песна е повик до целото човештво да престане да ја злоупотребува нашата планета и да ги здружи силите во грижата за нашиот единствен дом.
Големо задоволство , но воедно и огромно признание е , што меѓу тие 100 земји се најде и Македонија, со учеството на Теодора Гошева- Теди од Гевгелија. А, за тоа, како дојде до тоа, токму таа да биде дел од оваа голема продукција, нормално одговори побаравме кај самата Теди.
 
Како дојде до соработката со Монтехано на овој проект?
 
„За оние што не ме познаваат доволно, да кажам дека, освен што се занимавам со компонирање и пеење за себе, јас исто така создавам и снимам музика и за други уметници, од најразлични земји во светот. На тој начин се запознавме и соработувам подолго време и со Роџер Монтехано , па така дојде и до соработката на песната „ONE“, која е кандидирана за „Најдобра изведба на светска музика“ за 64-те „Grammy“награди.“
 
До каде е гласањето за овие награди?
 
„Моментално, првиот круг на гласање е завршен и ќе започне вториот. Информирани сме дека имаме добиено прекрасни критики од елитните кругови на тимот на Греми наградите и јас искрено се надевам дека целиот труд вложен во еден ваков преубав проект за нашата мајка Земја ќе се исплати и ќе бидеме номинирани, па дури и ќе победиме во категоријата за „Најдобра глобална изведба“ за 2023 година. “
 
Кога започна целиот овој проект?
 
„Самиот проект е започнат пред две години и буквално до сега се создадени стотици снимки и аудио ленти, а целта на песната е повик до целото човештво да престане да ја злоупотребува нашата планета и да ги здружиме силите заедно да се грижиме за нашиот единствен дом. Инаку, целиот профит од снимката ќе биде дониран на невладини организации кои активно работат на чистење и зачувување на нашата планета.
Восхитувачки за мене беше фактот што аудио звукот беше финализиран во Abbey Road студиото во Лондон, за кое што не треба дополнително претставување. Мене ми е навистина чест и задоволство што сум поканета да учествувам во овој проект од светски рамки.“
 
Што ќе значи ова понатаму за твојата музичка кариера?
 
„Ќе значи многу, верувам. Очекувам после овој проект за мене да се отвораат уште многу врати во музичката индустрија, кои ќе се обидам да ги искористам. Само човек треба да работи, да се труди и никогаш да не се откажува од тоа што сака да го направи! На крај, како потврда на овие мои зборови, би сакала да ги известам читателите дека на 27-ми октромври ќе издадеме нов сингл со „The G Notes“ со наслов „Dancing In The Moonlight“( Танцувајќи на месечината). Музиката е на брат ми Глигор Гошев, текстот е мој, а продуцент е Ремон Бефтинк од Холандија.“
А до тогаш послушајте ја песната „ONE“ на следниот линк:

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *