Постојат многу спортски приказни кои започнуваат од најмала возраст и кои подоцна го достигнуваат врвот. Секогаш е убаво кога се слуша за нив, а уште поубаво е кога тие доаѓаат од нашите најмали . Една таква приказна за „Вечер“ ни ја раскажуваат, десетгодишниот Максим Ангов, член на АК „7-ми Ноември“ од Гевгелија, и неговиот тренер, наставникот по физичко воспитување, познатиот гевгелиски маратонец и атлетичар Тодор Анчев, исто така член на гевгелискиот атлетски клуб.
Минатиот викенд, во Солун, Република Грција, се одржа познатиот Полумаратон „ЗЕНИТ“ на кој учество зедоа над 18.000 учесници во сите четири трки. Во трката на 5 километри, учествуваа над 7.000 тркачи, а меѓу нив се најдоа и Тодор Анчев, и десеттгодишниот негов ученик, Максим Ангов, се разбира со дозвола на неговите родители. На стартот на трката, организаторот не дозволувал Максим да влезе во стартниот бокс, бидејќи немал 14 години, но гледајќи колкава е желбата и возбудата кај Максим, организаторот на крајот омекнал и дозволил и тој да стартува.
На крајот, како „благодарност“ што му дозволиле да настапи, младиот Максим им возвратил на организаторот со тоа што ја истрчал патеката за 25 минути и со големо навивање на публиката, го освоил 210-то место, пласирајќи се многу повисоко од многу повозрасни од него.
„Инаку, спортската приказна за Максим започна на минатогодишната трка во Гевгелија „November run 2022“ на 1 километар, ни кажува неговиот тренер Анчев, кога Максим истрча многу добро време за неговата генерација, па дури истрча подобро и од некои повозрасни учесници.“
Тоа било доволен сигнал за искусниот Анчев, веќе од месец март оваа, 2023 година,да започне да го тренира ова момче, пред кое, се надева Анчев, дека стои успешна атлетска кариера.
Максим е ученик во 5-то одделение во ООУ „Петар Мусев“ во Богданци, каде физичко воспитување му предава токму Тодор Анчев. Неговата посветеност на тренинзите, предиспозициите и талентот кој го поседува дополнително ја потврдуваат констатацијата дека пред Максим претстои убава спортска иднина.
„ Од почетокот на училишната година, вели тренерот Анчев, тренираме три пати неделно, кога учениците имаат час по физичко воспитување, за да биде подготвен за наредните трки на 1 километар“.
Приказната за љубовта кон трчањето, и кон атлетиката воопшто, на младиот Максим Ангов, нема да беше целосна ако не го слушневме и неговото размислување околу се она што му се случува од пред една година.
„Желбата за трчање, раскажува Максим, ја добив токму од мојот наставник Тоше Анчев, од моментот кога тој дојде во нашето училиште „Петар Мусев“ во Богданци, да ни предава физичко воспитување.Од тогаш, секој час, три пати во неделата, најнапред тренирам трчање со наставникот, а потоа му се препуштам на играњето фудбал со моите соученици.
Го прашуваме која му била првата трка и на колку трки до сега има учествувано, а Максим веднаш, како од пушка ни одговори:
„Мојата прва трка беше минатата година во Гевгелија на „November run“ кога истрчав 1 километар, и победив. Потоа настапував на шест трки на 600 метри, и на нив освоив три први места и едно второ. Секако, имам намера да трчам и во иднина и да постигнувам добри резултати, а прв тест ќе имам веќе на 7 ноември, повторно во Гевгелија.“
Радоста на лицето на Максим додека ни одговара е уште еден доказ за неговата љубов кон трчањето како и моќта, која ја има спортот во поттикнувањето на чувството за заедница, промовирањето на физичката благосостојба и негувањето на младата генерација спортисти во нашата земја.
Атлетиката во Македонија, за жал, не е застапена доволно кај младите, а има многу таленти како што е Максим Ангов од Богданци. Бидејќи атлетиката е многу добра за правилен раст и развој на човечкото тело, нека биде оваа приказна уште едно потсетување на наставниците по физичко воспитување, навреме да го осознаат талентот кај учениците и со посветени тренинзи и заедничка работа нека создаваат идни врвни спортисти.
А, на Максим му посакуваме, еден ден да ѝ се посвети целосно на атлетиката, кралицата на спортовите, и да го видиме, искачен на подиумот како освојувач на златен олимписки медал, освоен медал на европско или светско првенство.