Делегација на Општинската организација на СЗБ од НОВ Гевгелија, го одбележи 9 мај, Денот на победата над фашизмот со полагање на свежо цвеќе на споменикот на Илија Миов.
Илија Миов Папањин е роден на 28 мај 1909 година во Гевгелија во работничко семејство.Од 1930 до 1935 година живее во Белград каде се вклучува во напредното синдикално движење.
По 1937 година учествува во повеќе акции на Партиската организација во Гевгелија, и неколку пати е апсен. Исто така учествува во организирањето на прогресивните младинци во село Горничет во текот на 1939 година. По фашистичката окупација на Југославија, Миов во 1941 година е примен во КПЈ во Гевгелија.
Илија Миов е еден од 25-та борци кои го формираа првиот гевгелиски партизански одред „Сава Михајлов“. Зеде учество во повеќе борби што овој одред ги водеше во гевгелиско но и во Тиквешко-гевгелискиот регион.
Загина на 15.11. 1943 година во село Радња, Тиквешко, во борба со бугарскиот фашистички окупатор.
Иако Гевгелија е ослободена на 7 ноември 1944 година, а некои градови и порано, сепак фашизмот во Европа и во светот не беше поразен се до 9 мај 1945. Затоа, светот денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот. На тој ден, со потпишувањето на безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна која однесе повеќе од 50 милиони животи.
Од над 50-те милиони жртви, 20 милиони беа од тогашниот Советски сојуз, а повеќе од 30 милиони беа цивили. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.
Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според проценките на историчарите, во Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучучувајќи ги и преку 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрацискиот логор Треблинка.
Гевгелиско даде вкупно 74 паднати борци и жртви на фашистичкиот терор. Кога на оваа бројка ќе се додадат 19 борци комунисти, 6 војници, што загинале во составот на бившата војска Југословенска, 9 жртви на фашистичкиот ртерор и 7 депортирани и убиени Евреи, вкупната бројка изнесува 115 лица загинати од Гевгелиско.