Велелепниот неокласицистички објект на Филдовиот природнонаучен музеј бил изграден во 1893 год., точно во време кога во Чикаго се одржувала Светската колумбиска изложба (Светски саем: Колумбиска изложба). Собраните артефакти изворно собрани за таа прилика, на 2 јуни 1894 год., биле прикажани во новата зграда на музејот, што се смета за ден на неговото отворање за публиката.
Истражувањата и презентацијата на артефактите се прикажани според четири главни подрачја: антропологија, ботаника, геологија и зоологија. Денес фондот на предмети од сите збирки брои повеќе од 24 милиони примероци. Импресивна количина на собрани музејски артефакти и предмети за последните 100 години, ако се земе во обзир дека изворната колекција на предмети, прикажани за потребите на Светскиот саем броела околу 65000 експонати.
Од светски познатите музеи, Филдовиот музеј и денес безрезервно и оправдано задржува едно од водечките места.
Во таков светски прочуен амбиент, оптеретен со успесите на неговото опстојување се отвори долгоочекуваната меѓународна изложба – Првите кралеви на Европа.
Во четиригодишниот период од подготовките на изложбата, обременет со пандемиската здравствена состојба и тековните финасиски предизвици, двајца луѓе со невидена упорност успееја ова приказна да ја доведат до крај. Бил Паркинсон и Атила Гјуча се луѓето кои ги сплотија сите земји учеснички во една идеја и една визија во овој грандиозен изложбен потфат. Позитивна и конструктивна енергија која ги краси овие двајца професионалци беше пренесена до секој учесник во настанот.
Нашата делегација, благодарение на нив и на управата на Филдовиот музеј ја почуствува привилегијата да се биде дел од овој светски музејски спектакл, ама и дел од семејството Филд. Понудата за соработка и довербата кон учесниците на изложбата, особено беше видлива од еден племенит гест на Бил Паркинсон, којшто широко ни ги отвори вратите на депоата и ни овозможи да видиме дел од богатствата на културното наследство коешто се чува во Филдовиот музеј.
Чинот на свеченото отворање беше далеку послоевит во однос на нашата пракса, и тој првенствено подразбира пред сѐ присуство на донатори, подржувачи, и лица кои директно учествувале во подготовките и реализацијата на проектот. Во таа привилегирана група беа и сите земји учеснички, помеѓу кои и нашата малубројна делегација предводена од координаторот Гоце Наумов, Мери Стојанова директорката на Завод-Музеј од Битола, Билјана Јовановска претставник на Управата за заштита на културното наследство и Бобан Хусеновски археолог од музејот во Гевгелија. На отворањето на изложбата беа присутни и Љубо Фидановски од Музеј на град Скопје и Борка Таневска од амбасадата на САД во Република Северна Македонија.
Кога веќе зборуваме за дипломатскиот контекст на отворањето на изложбата, незаобиколно е да го споменеме присуството на нашиот конзул Петрит Муслиу и вице-конзулот Срѓан Хаџи Николов, кои по покана на Филдовиот музеј дополнително ја оснажија нашата делегација. Нивната посветеност кон нашето учество на овој меѓународен настан, навистина беше искрен и исполнет со ентузијазам и целосна подршка. Во тој контекст имавме чест да бидеме гости во нашиот конзулат и да ни биде укажано лично внимание од конзулот Петрит Муслиу сѐ до испраќањето на аеродромот О’Хара.
Секоја од 11 земји, на изложбата беше претставена со најдобриот избор на експонати кои беа комплементарни со темата. Иако со мал број на предмети, нашите музеи ги пополнија соодветните места во хронолошката рамка којашто опфаќа цели 6 милениуми. Впечатоците по отворањето и увидот во копмлетната колекција од 700 предмети, секако поттикнува на размислување дека музеите од Република Северна Македонија можат да понудат многу повеќе, доколку сите одговорни лица и установи се сплотат и обединат околу целтта на мисијата, ако ги постават интересите на установата во прв план, а пак личните да им бидат второстепени.
Иако мал дел од предметите за прв пат се претставуваат на јавноста воопшто, а најголемиот дел за прв пат пред американската публика, тоа се предмети кои со децении се познати на стручната јавност. Нашата “Дама од Милци”, некако по игра на случајот токму го наполни десетиот роденден од откривањето, коешто се случи во 2014 год. Место за славење на малиот јубилеј на нашата високовредна личност – во присуството на останата “кралска” свита и одбраната публика, секако уште повеќе укажува на нејзиното значење. Се надевам дека по толку високото истакнување на нејзините вредности на меѓународен план, ќе се создадат соодветни услови за нејзино чување и презентација во домашни рамки.
Сега ни останува да ги следиме реакциите на публика во Чикаго и да го проследиме следното патување на македонската колекција до Историскиот музеј во Гатино во Канада.
Судејќи според првите искажани импресии од страна на учесниците на изложбата во Чикаго, можноста таа да се прикаже и на други континенти е ширум отворена.