Влашката заедница во земјата денеска го прославува 23 мај –Националниот ден на Власите, кој со Законот за празници од 2007 година е и државен празник и неработен ден за припадниците од влашката заедница.
Со одлука на Лигата на Власите и другите влашки граѓански здруженија, во 1991 година овој ден е прогласен за Национален ден на Власите од целиот свет.
Според податоците од последниот попис во Македонија,во 2021 година во земјата има 9.208 Власи, а во општина Гевгелија беа регистрирани 266 граѓани кои во графата за националност се изјасниле како власи.
На 23 мај 1905 година султанот на Турското Царство, Абдул Хамид Втори го издал „Ираде” (султановиот декрет) со кој на Власите им биле доделени национални права во Отоманското Царство, можност за избор на свои “муктари” (градоначалници), можност за настава на влашки јазик во училиштата и богослужба на влашки јазик во црквите. На истиот ден, Везирот Сафет Паша го потпишал и издал „Коминикето” со кое на патријаршијата и се забрануваат: националните права, правото на јазик и богослужба.
Република Северна Македонија е прва, засега единствена земја каде Власите се признати со Уставот како заедница, односно како дел од влашкиот народ кој е распространет на Балканскиот Полуостров и имаат право на граѓанско и политичко организирање, емисии на влашки јазик на Македонската национална радио и телевизија, имаат право на изборно изучување на предметот „јазик и култура” на Власите во училиштата, издаваат книги, списанија и организираат разни културни манифестации.
По прогласувањето на Гевгелија за град во 1886 година, во Гевгелиската околија, иако доста оддалечени, влегле и мегленските влашки населби: Ума, Бериславци, Лугунци, Ошин, Н’те, Љумница и други. Од тогаш некои поединци или семејства почнале да се доселуваат во градот Гевгелија.
Бидејќи биле малубројни и православни христијани, потомците на овие доселеници ги посетувале месните училишта во коишто се школувале на македонски народен јазик, а богослужба слушале на црковнословенски јазик. Дома си зборувале на својот мајчин јазик, кој што претставува една посебно мегленско наречје со примеси на латински, словенски, грчки, турски и други зборови. Како вредни и работливи луѓе се стекнале со свои земјоделски имоти во околината на градот и живееле од својот труд. Во 1870 година бројот на вкупното население изнесувал околу 1.610 жители, од кои 1.257 Македонци, 250 Турци, 103 Власи, предимно доселени од Влахо-Мегленската област.
Здружението на власи од општина Гевгелија „Мегленија“ денес си има свое седиште каде редовно се собираат околу деведесетина членови. Влашкиот народ во Гевгелија со гордост ги негува своите обичаи, фолклор, култура и јазик со што придонесува за културната разновидност во градот и во Македонија, и за заедничката иднина.