COFFEE IN & BAR – ПРВА КАФЕ БИБЛИОТЕКА ВО ГЕВГЕЛИЈА КОЈА ВЕ ОСВОЈУВА СО МИРИСОТ НА КАФЕТО И НА ИЗЛОЖЕНИТЕ КНИГИ
Велат дека карактеристика на космополитските градови е масовната појава на мали, независни кафе библиотеки и книжарници. Гевгелија од неодамна се придружи на таквите градови кои имаат вакви пријатни места, откако пред еден месец беше отворена првата кафе библиотека COFFEE IN & BAR. Искрено, се надевам дека нема да биде и последна.
Уште кога влегов во оваа кафетерија, лоцирана во строгиот центар на градот, веднаш носниците ми ги надразни пријатниот мирис на кафето но и на старите книги кои грижливо беа наредени во импровизираната библиотека во посебен дел од кафетеријата. Она што веднаш го забележав, кога за прв пат влегов во кафе библиотеката беа насмевките на персоналот и пријатниот амбиент, кој неодоливо ме потсети на мојата дневна соба. Тивка, ненаметлива музикa, со која може мирно да си го испиеш кафето и да поразговараш со својот придружник, или пак да седнеш и да се одмориш читајќи неколку страници од некоја од книгите од библиотеката.
Вистинската домашна атмосфера ја надополнува кучето Лана, која ноншалантно се движи ниц целиот простор, чиниш сака да го поздрави секој гостин што влегува во просторијата, и да му посака добредојде.
За ваквиот интересен простор во Гевгелија, „виновни“ се брачната двојка Леона и Јован Митрови. Леона, која е родена во Австрија и има српско и украинско потекло, пред седум години се запознава на северот од Србија со својот сопруг и решаваат да се преселат во најјужниот град на Македонија, Гевгелија. Најпрво отвараат мало кафуле на улицата „Маршал Тито“, која гевгеличани нагалено си ја викаат од дамнина „од станица до граница“, за да еве сега се горди сопственици на првата Кафе библиотека во градот.
Леона не се однесува како „сопственичка“, во вистинска смисла на зборот, затоа што е во постојано движење и во непосредна комуникација како со гостите така и со вработените. Затоа ми требаше подолго време за да го договорам овој разговор со Леона .
„Сакав да отвориме кафетерија која ќе се разликува и која ќе задоволи неколку мои критериуми, но пред се која ќе ме потсети на мојот некогашен дом во Австрија, вели Леона на почетокот на нашиот разговор.
Прво, ќе почнам од книгите. Морам да кажам дека се тие донација од моите добри пријателки Марина и Оли Свиленчиќ, кои, дознавајќи дека ќе отворам кафе библиотека, ми донесеа неколку пакети на книги кои тие ги имаат прочитано, сакајќи со тоа и мене да ми помогнат но, во исто време и да ги поттикнат гевгеличани што повеќе да читаат.
Целта ми беше, истакнува Леона , со ваква понуда на книги да се обидеме да ги оттргнеме, пред се помладите од навиката, додека седат во кафулето наместо да се загледани во своите мобилни телефони, да земат во рака некоја книга и да прочитаат неколку страници од истата.
Второто нешто што сакав да го постигнам е целиот ентериер да биде така направен да ги потсетува гостите на една пријатна домашна атмосфера. Затоа, се решивме подот да биде од паркет, под секоја маса да има килимче, како дома нели, и да ја донесам Лана, мојата домашна миленичка, за да ја потполни замислената домашна атмосфера“, објаснува Леона.
И, третото нешто што го посакував беше, во нашата кафетерија да се слуша музика за млади, но, во определен дел од денот, музика која нема да ви пречи додека разговарате или читате. Затоа, јас лично ја одбирам музиката мошне внимателно, малку џез, малку world music, малку инструментали.
Ме интересираше какви книги може да се најдат на полиците на оваа кафе библиотека и дали може да се позајмуваат и да се читаат дома.
„ Може да се пофалам, вели Леона, дека имаме книги кои се напишани на руски, германски, англиски, српски и македонски, така да кога ќе не посети некој странски турист, ќе може да ужива не само во кафето, туку и во некоја книга на својот мајчин јазик. Секоја книга која е ставена во нашата библиотека е избрана од мене и ставена со причина, а не да служи како декорација.
Искрено, продолжи Леона, јас лично сметам, што не мора некој да се сложи со тоа, дека во минатото се пишувале поубави и попаметни литературни дела, затоа, на рафтовите на библиотеката во поголем дел може да се најдат делата на светските класици, како на пример Достоевски, Толстој, Шекспир, Џојс и други, но секако има и современи наслови.
Ја прашувам Леона која е нејзината омилена книга
„Има повеќе, се насмевнува таа. Омилени ми се книги со психолошка тематика и таканаречените „мотивациони“ книги. Но за мене, книга над сите книги останува Библијата, вечниот бестселер, книга од која може многу работи да се научат за животот. Доколку, вели Леона, секој политичар во денешно време се придржува барем на една од 10-те Божји заповеди, јас верувам дека нема да има злоба меѓу луѓето и нема да има војни како оваа во Украина. Можеби сум идеалист по малку, но сметам дека во ова време недостасува малку повеќе љубов и емпатија меѓу луѓето.
Може ли младите во денешно време да успеат во бизнисот , ја чепкам со прашањето Леона во најневралгичната точка.
Мислам дека ако човек има добра идеја, и биде доволно упорен и вреден, може да успее во животот. Ние, еве, во нашата кафе библиотека се обидуваме да создадеме една топла и пријатна атмосфера, нашите гости да ги погледнат изложените книги, да ги понудиме со шољи од кои се шири мирисот на внимателно избраното кафе, а тоа, според мене е доволен инспиративен декор кој го привлекува вниманието на нашите гости, па тие влегуваат – и остануваат подолго во нашата кафетерија.
Морав да го привршувам муабетот со Леона која, и додека одговараше на моите прашања, со едното око гледаше што се случува во кафетеријата и се поздравуваше со секој од гостите, па затоа за крај ја прашувам кои се плановите за во иднина.
„ Во преговори сме со неколку издавачки куќи и имаме во план некоја од нив да отвори во другиот дел на кафетеријата книжарница, па така, откако ќе го испијат кафето нашите гости ќе имаат можност, доколку сакаат, да си заминат дома со некоја купена книга.
Во план ни е заедничка акција со наследникот на австриската династија на произведувачи на кафе и сопственик на „Мајнл банке” Јулиус Мајнл, чие кафе ние го користиме, да организираме интересен настан за Денот на поезијата. Имено, ќе биде тоа убава можност за нашите посетители, да се опуштат со кафе и да напишат свои стихови, со кои ќе може да си го платат испиеното кафе. На ваков начин ќе создадеме една прекрасна синергија на уживање и креативност“, вели Леона.
Планираме, заедно со нашите вработени, од ден на ден се повеќе да растеме како еден добар тим. Многу сме среќни и благодарни што како сопственици на ова место може да соработуваме со толку млади и посебни личности.
Животот навистина може да биде многу поубав со добро кафе и добра книга, порачува Леона. Затоа, доколку доаѓате во Гевгелија, одделете барем петнаесеттина минути и посетете ја кафе библиотеката COFFEE IN & BAR. Напијте се добро кафе, и прочитајте добра книга. И, не заборавете да ја помилувате Лана, тоа многу ќе и значи.
Прегледи: 350
