ДОКТОР ЕПИДЕМИОЛОГ САШКО ОЛУМЧЕВ:

„ ОЧЕКУВАМ ГОЛЕМ БРОЈ НА ИНФИЦИРАНИ НО НЕ И ХОСПИТАЛИЗИРАНИ ПАЦИЕНТИ СО ЛЕСНА СИМПТОМАТОЛОГИЈА, СО ПОЈАВАТА НАЕСЕН НА ПОЛИВАЛЕНТНА ВАКЦИНА СМЕТАМ ДЕКА КОВИДОТ ЌЕ СТАНЕ ЕНДЕМСКИ ВИРУС“
 
Дали го очекувавте раното „будење“ на корона вирусот ова лето, и зголемениот број на инфицирани во нашето соседство и во светот?
 
Да, ова беше очекувано поради тоа што оваа година, за разлика од лани кога сеуште имаше рестриктивни мерки во овој период, сега, такви мерки повеќе нема. Ако на ова го додадеме и фактот што е време на летни одмори, движење и мешање на населението, циркулирањето на новите подсоеви БА4 и БА5 кои имаат базичен репродуктивен број од 7 до 10, значи овие соеви се 10 пати позаразни од претходните, тогаш е јасно зошто се мултиплицира бројот на заразени во овој период низ светот и во нашето соседство, во Грција и Србија, на пример. Ако ја земеме Општина Гевгелија, во месец јуни, бројот на новозаболени изнесувал само 10 граѓани, сега за само пет дена од месец јули, имаме бројка од 12 новоинфицирани, или од вкупните тестови што ги правиме позитивни се 50 проценти. Додека на ниво на државата вчера од направени 1.129 тестови, регистрирани се нови 355 заболени.
 
Дали ќе расте трендот на зголемување на новоинфицирани во наредниот период?
 
Сигурно, тој ќе расте до крајот на летната сезона секојдневно, но јас се надевам дека ќе остане оваа лесна симптоматологија, односно овие соеви БА4 и БА% даваат горнореспиративна симптоматологија со гребење на грлото, кашлица, поретко и висока температура, и помала смртност. Освен кај постарите и имунокомпромитираните организми каде овие соеви може да дадат и долнореспираторна симптоматологија. Но, засега кај 99 проценти од пациентите овој вирус поминува како инфекција со лесна слика. Инкубацијата трае само 2 до 3 дена, најчесто се лекуваат пациентите амбулантно и немаме болничко лекување. На Инфективната клиника, сега за сега има нешто над десеттина хоспитализирани. Ако сето ова остане вака, тогаш ќе имаме големи бројки на заразени но не и големи бројки на хоспитализации.
 
Дали очекувате поголем број на инфицираните да бидат помладата генерација?
 
Да, бидејќи поголемиот број од нив не се вакцинираа со бустер дозата, така да за нив доколку бидат заразени, тоа ќе им дојде како еден вид примена доза на вакцина, а за нас, епидемиолозите тоа ќе значи билдање на природниот имунитет, кој ќе ни се најде, би рекол во есенскиот период како еден вид влог во градење на колективниот имунитет. Тоа е важно бидејќи наесен освен корона вирусот ќе се појават и ќе циркулираат и други вируси, како грипот, респираторни вируси и синцисијалните вируси.
 
Какво сценарио очекувате наесен?
 
Знам дека на сите ни е доста од оваа пандемија. Но реалноста ни кажува нешто друго. Овие две многу заразни варијанти го избегнуваат нашиот имунитет. Сега секој може да се зарази со нив. Освен тоа овој вирус се покажа многу мудар во минатото и можно е да избега од контрола, па затоа сè уште треба да се биде внимателен, но според мене сепак нема потреба да се повикуваме на воведување поголеми заштитни мерки. Доволно ќе биде, особено оние постарите и лицата со коморбилитет, да држат физичка дистанца, да носат маски во затворени големи простории, во јавниот превоз.
Препорачувам примање на четврта доза на вакцината против ковид вирусот, затоа што антителата во нашиот организам по прележување на болеста или вакцинирањето ги снемува после 4 месеци, па затоа превентивно за да се зајакне имунитетот добро е да се прими и четврта доза на вакцина. Ако порано започне и вакцинирањето против грипот, да речеме во септември, тогаш есента ќе може пооптимистички да ја доќекаме.
 
Дали приказната со КОВИДОТ, според вас, конечно се ближи кон крајот?
 
Мислам дека треба да бидеме внимателниво наредниот период за да полесно ја препродиме есента и зимата. На почетокот на септември веќе ќе биде достапна нова, комбинирана поливалентна вакцина против сите пет омикронски подваријанти. На овој начин пандемијата ќе продолжиме да ја држиме под контрола, и некаде на почетокот на наредната година очекувам Ковидот да стане ендемски, како грипот, и конечно да се прогласи крајот на оваа страшна пандемија која одзеде огромен број човечки животи. Вирусот нема да исчезне, ќе живееме заедно со него, но ќе нема потреба од прогласување на рестриктивни мерки и ќе се лекува како што сега се лечиме од грипот.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *