Д-Р БОРИС РОГЛЕВ: ВО МАКЕДОНИЈА МОМЕНТАЛНО НА ДИЈАЛИЗНО ЛЕКУВАЊЕ СЕ 1500 ПАЦИЕНТИ

АНЕТА СТАМКОВА: ПО ПОВОД СВЕТСКИОТ ДЕН НА БУБРЕГОТ ВО МАРТ МЕСЕЦ ЦЕНТАРОТ ДИАВЕРУМ ЗАПОЧНУВА ПИЛОТ ПРОЕКТ ЗА БЕСПЛАТЕН СКРИНИНГ НА 1000 РИЗИЧНИ ПАЦИЕНТИ ВО ЈУГОИСТОЧНИОТ РЕГИОН
 
Светскиот ден на бубрегот се одбележува секоја година во вториот четврток во март, во повеќе од 200 земји низ светот. Македонија е дел од светската кампања од 2007, која пак годинава е посветена на унапредување на правичниот пристап за нега и оптимална практика на лекарства. Оваа, 2024 година, мотото на Светскиот ден на бубрегот е – Бубрежно здравје за сите, унапредување на правичниот пристап за нега и оптимална практика на лекарства.
Хроничната бубрежна болест (ХББ) која е застапена кај 10 отсто од населението во светски рамки, а се предвидува да се зголеми за 17 проценти во текот на следната деценија е глобално здравствено прашање и клучна тема која се третира низ одбележувањата на Светскиот ден на бубрезите во изминатите години. ХББ е постепено и неповратно губење на бубрежната функција со тек на време. Не може да се излекува, но може да се забави и да се лекува.
 
Кога работат нормално, бубрезите делуваат како ефикасни филтри и човекот нема никакви знаци на протеини во урината. Многу фактори, вклучувајќи го и стареењето, може да ја намалат способноста на бубрезите за филтрирање и ХББ се дијагностицира ако бубрежна функција е засекогаш намалена. ХББ има пет стадиуми: во стадиумите 1-4, фокусот е на зачувувањето на бубрежната функција, додека во стадиумот 5 е неопходна дијализа или трансплантација.
Во Гевгелија, Светскиот ден на бубрегот, традиционално го одбележува центарот за дијализа, Диаверум.
По тој повод разговаравме, специјално за ВЕЧЕР со доктор Борис Роглев, специјализант на нефрологија, и Анета Стамкова, одговорна за комуникации во Диаверум Македонија.
 
Најнапред го запрашавме Д-р Роглев да ни објасни нешто повеќе за тоа што е хроничната бубрежна болест, кои се симптомите и како таа се лекува?
 
„Хроничната бубрежна болест (ХББ) е прогресивна болест која доведува до трајно оштетување на бубрезите кое во последен стадиум се лекува со хемодијализа. Се проценува дека афектира околу 10% од светската популација. Во неразвиените земји голем дел од заболените остануваат недијагностицирани до последна фаза. Во 2020 година ХББ била 10-та причина за смрт. Предвидувањата се до 2040 година дека ќе биде 5-та најчеста причина за смрт на светско ниво. Хроничната бубежна болест е во растечки тренд и претставува значаен глобален предизвик за здравствените системи бидејќи е скапа болест проследена со зголемен морбидитет и морталитет. Во Македонија моментално на дијализно лекување се цирка 1500 пациенти со краен стадиум на ХББ.
Како најчести причини за хронична бубрежна болест се хипертензија и дијабетес мелитус, меѓутоа постојат и други причини како гломерулонефрити, лупус, полицистични бубрези, малигни болести на генитоуринарен тракт, некои генетски болести. На светско ниво статистиката вели дека 1 од 3 пациенти со дијабетес мелитус има постоечка ХББ во некој од петте стадиуми. Исто така, 1 од 5 пациенти со хипертензија има некаква постоечка ХББ.
 
Во почетните стадиуми хроничната бубрежна болест не предизвикува специфични симптоми и затоа може да биде тешко рано да биде дијагностицирана. Човечкото тело изнаоѓа начин да се адаптира на почетокот на болеста. Дијагнозата може да постави се кога пациентот прави испитувања за друга здравствена состојба. Првите симптоми се замор, снеможеност, сува кожа што чеша, отоци околу зглобовите на нозете и очите, крв во урина, пенлива урина, почесто мокрење. Во понапредна фаза може да се јават главоболки, ноќно мокрење, несоница, диспнеа поради насобирање на течност во белите дробови. Дијагнозата се воспоставува со лабораториски тестови за одредување на деградациони продукти, односно уреа и креатинин, како и проверка за присуство на протеини во урина. При одредени состојби можно е да се потребни дополнителни испитувања од типот на ехосонографија, КТ скен, МРИ и биопсија на бубрег.
Се работи за прогресивна состојба која го менува животот на пациентот, која во последен стадиум бара бубрежно заместителна терапија односно хемодијализа или трансплантација.
Во 5-тиот стадиум останува 10-15% од вашата бубрежна функција, мерено со проценета стапка на гломеруларна филтрација (eGFR) помала од 15 mL/min. Во оваа фаза, вашите бубрези повеќе не можат да Ве одржат во живот без дополнителна помош. Ова е познато и како краен стадиум на бубрежна болест (ESKD). Со откажување на бубрезите, дијализата може да изврши само дел од работата на здравите бубрези, но не е лек за бубрежна болест. Со ESKD, ќе ви треба дијализа до крајот на животот или додека не можете да направите трансплантација на бубрег.
 
Дијализата врши некои од функциите што вашиот бубрег обично ги прави за да го одржи вашето тело во рамнотежа, како што се: Отстранување на токсини и дополнителни течности во вашето тело за да се спречи нивно наталожување, одржување на безбедно ниво на електролити во крвта, како што се калиум, натриум, калциум и бикарбонат и помага да се регулира крвниот притисок
Сепак, не ги заменува целосно сите функции на бубрезите, па затоа не се смета за лек за бубрежна болест или бубрежна инсуфициенција.
Дијализата често ги прави луѓето да се чувствуваат подобро затоа што помага да се исчистат токсините што се насобрале во крвта помеѓу третманите. Сепак, некои луѓе пријавуваат дека се чувствуваат уморни по дијализата, особено ако долго време добиваат третмани за дијализа.
Раното откривање на ХББ е главен предиктор за успешно спречување на губењето на функцијата на бубрезите со тоа што ќе се намалат сите ризик фактори за болеста. Неопходни се кампањи за подигнување на свеста кај популацијата, за значајноста на редовните прегледи и следење на функцијата на бубрезите. Главна улога во ова игра нивото на здравствена писменост и информираност на населението. Секако откако ќе се репортира проблемот од важна улога се и семејниот лекар, како и специјалист нефролог/интернист“
 
Анета Стамкова одговорна за комуникации во Диаверум Македонија ни кажа како овој Центар ќе го одбележи Светскиот ден на бубрегот?
 
„Диаверум е дијализен провајдер опстојува во Македонија од 2018 година, а работи на 4 континенти, во 24 земји. Строгите процедури за работа од светски ранг, усогласени со националната легислатива во доменот за бубрежно здравје и дијализно работење, испорачуваат вистинска грижа за дијализните пациенти. Се трудиме преку компетенциите на нашите професионалци и холистичкиот пристап, да им овозможиме што поисполнет живот на нашите пациенти.Покрај медицинскиот третман, со различни активности, проекти и алатки, се обидуваме да им го олесниме животот напациентите, но истовремено да покажеме и општествена одговорност.
Центарот за дијализа Диаверум во Гевгелија прикрепува пациенти од Гевгелија, Дојран, Богданци, Валандово и нивните околни места. Бројката на пациенти варира и се движи од 35-40 пациенти. Многу често Гевгелија е домаќин и на пациенти кои доаѓаат од други градови, но и други држави со што не има и на мапата на здравствен туризам.
 
Дигитализацијата, како неприкосновена присутност, е активно вклучена во нашата работа, со што сме чекор поблиску до paperless, или што помалку хартија преку системот TGS, односно (Treatmanguidancesystem). А исто така, многу важна и прилично користена ни е апликацијата, специјално креирана и наменета за нашите пациенти d.care, со која во секој момент пациентите имаат информација за нивното здравје од аспект на текот на дијализата, терапија, лекарства.
Светскиот ден на бубрегот, секоја година е секој втор четврток во месец март. Годинава Диаверум е официјален партнер на организацијата. Интернационално, национално и локално се вклучуваме со повеќе активности. Овогодинешното мото е Бубрежно здравје за сите- Унапредување на правичниот пристап за нега и оптимална практика на лекарства. Во конекст на ова мото, за нашите пациенти подготвивме соодветни, скромни но практични подароци, со што ќе имаат оптимална практика на лекарствата- тоа се кутивчиња за лекарства, за секој ден од неделата, но и водич до нашата апликација, d.care, која покрај останатото има и потсетници за земање на лекарствата во домашни услови.
 
Исто така во прилог на мотото на СДБ, во знак на пристап до бубрежна нега, но особено како резултат на повеќегодишни анализи, Реналната академија и на соработка со Мој термин, Министерството за здравство, Шведска амбасада и Нефроплус, Диаверум, најавува еден голем проект, чиј носител во југоисточниот регион е Диаверум и логистички и финансиски,а се однесува на бесплатен скрининг на популацијата во ризик од хронична бубрежна болест. Пилот проектот ќе опфати 1000 пациенти од регион на покривање на Диаверум, ќе отпочне во март и ќе трае четири месеци.
Во склоп на Диаверум, во рамки на превентива веќе функционираат и амбуланти во Скопје, Куманово и Струмица, а наскоро и во Кочани.“

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *