Д-Р БОШКО ИЛИЕВ – МАРАТОНЕЦ АМАТЕР КОЈ ИСПЛИВАЛ ДО ДЕНЕС 105 МАРАТОНИ:
„ХРВАТСКА ИМА МОРЕ, СРБИЈА РЕКИ, А МАКЕДОНИЈА ИМА ЕЗЕРА И АКУМУЛАЦИИ КОИ ГИ ПРОМОВИРАМ ЗА ПЛИВАЊЕТО КАКО ЕДЕН ОД НАЈЗДРАВИТЕСПОРТОВИ, ОСОБЕНО ЗА МЛАДИТЕ“.
„Ги сакам Македонија и пливањето. Имаме прекрасни дестинации за пливање и други спортови. Ако Хрватска има море, Србија реки, ние имаме прекрасни езера и треба да ги ползуваме за спорт и рекреација. Мојата цел е да го промовирам пливањето како еден од најздравите спортови, да го промовирам спортот и да им дадам мотив на младите што повеќе да спортуваат.
Инаку,докторот по спортска медицина од Кавдарци, 56 годишниот Бошко Илиев, познат пливачки аматер маратонец, го сретнавме овде во Гевгелија викендов, пред да го го започне својот 105 маратон во својата кариера, овој пат во водите на вештачката акумулација „Паљурци“ во близина на Гевгелија, поточно во општина Богданци.
Кој е вашиот мотив на оваа возраст и понатаму да ги пливаш маратоните?
„Мотивот е едноставен, пливачко-спортска и туристичка афирмација на нашиот езерски потенцијал и поттик за младите да пливаат и спортуваат, да се дружат и радуваат на животот подалеку од пороците, а почитувајќи се меѓу себе и почитувајќи ги нашите природни богатства да се градат и изградат во здрави и позитивни личности.
Во мојата пливачка кариера веќе успешно реализирав 105 домашни и меѓународни маратони, но, вели, нема да застанам се додека ме држи здравјето.
Можеби оваа есен или наредната година. Сакам и во Италија да направам еден маратон или во Австрија, Унгарија“ вели Илиев.
Кога научи да пливаш, и кога се појави идејата да пливаш маратони?
Ја сакам водата и пливањето од најрано детство и секогаш сум ја чувствувал како своја,без страв,но со должен респект.Научив правилно да пливам на 6-7 год.од мојот прв идол,татко ми. Потоа идоли ми беа Дики Бојаџи и Вељко Рогошиќ,идни мои пријатели. Идејата за пливачки маратони ми се јави релативно доцна, на 36 годишна возраст кога лично го запознав нашиот светски познат маратонец Дики Бојаџи, Дики го запознав летото 2001 преку еден пријател,татко на тогашната надежна маратонка Здравка Станковска која беше на преглед,кај нас на Спортска медицина. Дики беше промотор и мој водич во кајче на првиот мој маратон Пештани-Охрид,15.09.01 и беше пријатно изненаден од мојот успех,првпат,аматер и анонимус,без некои тренинзи и тренери, да преплива 12 километри за 5 часа и 20 минути. во септември месец во Охрид, на температура на вода 17-18 степени. Дики,беше иницијатор и на првиот мој меѓународен професионален маратон,2002 година, Јарак-Шабац (19км) каде бев втор од аматерите со време од 4 часа и 50 минути. Подоцна,2004 и 2005 беше мој водич на уште два мои големи соло маратона, едниот на Тиквешко езеро (13км) и можеби најзначајниот мој маратон, Струга-Охрид(14км) на 21 август 2005 година ,како единствен аматер и анонимус кој ја препливал таа патека спротивно од течението на езерото! Временски најдолг мој маратон, 6 часа и 44 минути, релација од 14 км , по едни неповолни временски услови
Така почна приказната која сеуште трае, еве до денешниот 105-от мој маратон, овде на „Паљурци“, како и по сите балкански простори
Се надеваше ли дека маратонски настапи ќе имаат континуитет и дека ќе настапуваш и на меѓународни маратони?
„Не се надевав, но желбата за пливање ме тераше да пливам и натаму. Се појавив и на најдолгиот маратон на кој сум пливал, а тоа е меѓународниот Јарак – Шабац. Препливав 19 километри за 4 часа и 50 минути во категоријата ветерани. Од 2006 година започнав континуирано да настапувам и на меѓународни маратони. Почнав со Хрватска, Корчула, 2007 година во Црквеница, Раб, Тјелашница, Задар… претежно хрватски маратони. Потоа се префрлив на српските маратони, на познатите маратони на реката Сава, Тиса во Војводина, некои езера во Војводина. Моите амбиции се проширија во Бугарија, познатиот маратон на Варна го пливав 4 пати. Барав се повеќе релации, па апетитите се отворија, стана како една добра навика, секоја година да се појавувам на неколку меѓународни, но и на наши маратони. Задоволен сум што успеав да се појавам на маратони во сите поранешни ЈУ републики.
„Пливав во Ксамил- Албанија , се појавив на неколку соло маратони во Грција, Неа Врасна – Аспровалта – Ставрос кој е 8 кмилометри и во наредна година Платамона- Хелас и назад. Во Анталија имав еден соло маратон и во Романија, пред четири години“ додава овој вљубеник во маратонското пливање.
Во колку мориња, езера, акумулации и реки до сега си пливал?
Изминатите години настапував на 27 натпревари на 15 наши вештачки езера, имам 77 меѓународни настапи во вкупно 11 држави , на 5 мориња, 26 езера и акумулации, 3 реки и 2 базенти . Вкупно,за 20 години пливање на маратони официјално сум препливал 476 километри ,а на тренинзи,неофицијално над 4000.
Имам за овие настапи примено Плакета од FINA и Благодарница од ПФМ за допринос во маратонското пливање во 2013 година ,како и Благодарница од ПФМ за учество како тренер-водич на меѓународни пливачи на Охридскиот маратон, вкупно 8 пати. Но,за мене,најважно од се е дека секаде каде сум се појавувал ги носев со себе обележјата на Македонија и Кавадарци, пропагирајќи ги со тоа и афирмирајќи ја мојата земја и град, спортот и пливањето како еден од најздравите спортови.
До кога мислиш да пливаш и кои се твоите идни планови?
„До кога сето ова ќе трае? Незнам и самиот,сигурно додека имам воља и желба за нови остварувања, мои подржувачи кои ме храбрат да продолжам и уште неколку главни цели. Прво и се повеќе остварливо, да ги препливам сите акумулации во Македонија. Второ,пливачки да спојам два континента,Европа и Азија,со препливување на преминот Чанак Кале(Турција), сакам и во Италија да направам еден маратон или во Австрија, Унгарија . Понатаму, заживување на Тиквешкиот пливачки маратон,иницирање и формирање и водење на пливачка школа за дечиња во мојот град,како и пронаоѓање на мој наследник во пливањето. Верувам во себе и во зацртаните цели,јас сум маратонец,упорен човек и сигурно ќе успеам“,
Имаш ли некоја порака за младите и пливањето?
Младите,кои и ги прегледувам за спортување,а и останатите би ги советувал пред се да се движат што повеќе и да спортуваат,а посебно би им го препорачал пливањето како еден од најздравите спортови(ангажирана е целокупна мускулатура,со максимален синхронизиран кардиоваскуларен и белодробен ангажман,нема контакти и повреди или се ретки,како преоптеретувачки и сл.).Пливачките маратони пак имаат и една посебна компонента-силен психолошки сегмент и тренинг на вољата и упорноста. И на крај,пливањето не е само спорт,тоа е дел од култура на живеење,модус на човечкото движење во вода,и затоа императив на денешницата е секое дете барем да научи правилно да плива, кажа на крајот доктор Бошко Илиев.
Прегледи: 175
