Д-Р НАКО ПОП-РИСТОВ:

ОДДЕЛОТ НА РЕНТГЕНОЛОГИЈА ЗА ВРЕМЕ НА КОВИД ПАНДЕМИЈАТА НАПРАВИ НАД 7.000 СНИМАЊА СО ШТО ИМАШЕ ЗНАЧАЈНА УЛОГА ВО ЛЕКУВАЊЕТО НА КОВИД ПАЦИЕНТИТЕ
 
Началникот на Одделот за рентгенологија при Општата болница со проширена дејност во Гевгелија, доктор Нако Поп-Ристов, во разговор за ТВ Нова 12 се потсети на двегодишната битка против Ковид пандемијата.
 
„Нашиот оддел, истакна Поп-Ристов, од самиот почеток на пандемијата имаше доста значајна улога во дијагностицирањето на ковид пациентите, и можам да кажам дека нашиот тим професионално и посветено ја заврши работата во сите фази на ковид пандемијата, со што помагаше на нашите колеги интернисти што поуспешно да се справуваат со оваа болест. Се работеше 24 часа, а дневно имавме за снимање во одреден период и по 80 пациенти.
 
Поп-Ристов потенцираше дека се работело за пациенти со бронхопневмонии, и додека во првиот бран тие пациенти биле со средно-тешка клиничка слика, веќе во вториот бран се работело со пациенти кои развиле тешка клиничка слика. Во третиот бран претежно се јавуваше пневмонија кај младата популација, додека од јануари 2022 година пациентите покажуваа лесна клиничка слика и полесни РТГ наоди.
 
„Најтешките случаи, вели доктор Поп-Ристов, ги имавме во март месец 2021 година кога поголемиот број на пациенти беа со билатерална бронхопневмонија, и тогаш имавме не само повозрасни пациенти, туку и помлади, па дури и пациенти на детска возраст.
 
Можам да речам дека ковид вирусот ги напаѓаше не само белите дробови, туку и другите органи, како црниот дроб, бубрезите, па дури и мозокот. Голем проблем, истакна Поп-Ристов ни беа оние пациенти кои се јавуваа многу доцна за преглед со веќе напредната бронхопневмонија. Имавме работа со непредвидлив вирус, кој менуваше клиничката слика од добра во лоша за само 24 часа.
 
Најчесто, истакна на крајот на нашиот разговор доктор Поп-Ристов, ковидот остава последици на белите дробови во форма на фиброза, пациентите се жалат најчесто на замор, отежнато дишење и кашлица. Овие тешкотии може да траат и по неколку месеци.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *