Д-Р САШО ОЛУМЧЕВ, ЕПИДЕМИОЛОГ:

„СИТУАЦИЈАТА СО КОРОНА ВО МОМЕНТОТ НЕ Е ЗАГРИЖУВАЧКА, НО ТРЕБА ДА СЕ ПОДГОТВУВАМЕ ЗА ЕВЕНТУАЛНАТА „ТВИНИФЕКЦИЈА“, ПРЕКЛОПУВАЊЕ НА КОРОНА И ГРИП ИНФЕКЦИЈАТА ВО ЗИМСКИОТ ПЕРИОД“
 
Постепеното зголемување на бројката на ковид пациенти во последните денови беше доволен повод за разговор со него, за новите подваријанти на ковид вирусот, „пирола“ и „елис“, за новите сезонски вакцини против ковид, за препораката за носење маски при посета на здравствените установи, како и за неговите очекувања, како ќе се развива ситуацијата со ковидот кога ќе дојдат постудените денови.
 
– Докторе, при нашето последно , она што добро го запаметивме беа вашите зборови дека ковидот ќе биде и натаму присутен во нашите животи и дека ќе треба да се навикнеме да живееме со него. Каква е моменталната ситуација кај нас со ковид-19, кој во последните месеци како да исчезна како тема во јавноста?
Олумчев:
„Ситуацијата во моментот не е загрижувачка, но бројката на ковид пациенти расте, од едноставна причина што граѓаните повеќе се тестираат, а не дека има поголем број на заразени. Вирусот има намален капацитет да предизвика потешки компликации. Во летниот период имавме една симптоматологија на појава на дијареа, повраќање, температура, болки во стомакот, омалаксаност, што не беше вообичаена, така да половина од овие пациенти може да кажам дека имаа ковид симптоматологија, додека кај другата половина стануваше збор за стомачен вирус. Бидејќи и ковидот и стомачниот вирус заедно циркулираа меѓу граѓаните, не се обрнуваше поголемо внимание на сето ова.
 
Кога се појавија новите форми и мутации на Омикрон варијантата на ковид-19, „пирола“ и „ерис“, кои беа следени од референтните светски лаборатории, тогаш веќе се вклучи црвеното светло за аларм. Американските, британските и азиските епидемиолози веднаш реагираа, затоа што „пиролата“ веднаш беше класифицирана во мутација од интерес бидејќи таа има дури 36 мутирања на протеинот на клетката, кои едноставно многу лесно го заобиколуваат имунолошкиот систем на нашиот организам. Кај „ерис“, според мене, ситуацијата е посериозна бидејќи е доста продорен, го заобиколува многу лесно одбранбениот механизам, па затоа во Америка, од 11 септември веќе се дава и сезонска вакцина за овој „правнук“ на Омикрон сојот, нормално, кај ризичната популација, постарите и хронично болните.“
 
– Какви се моменталните бројки на инфицирани со ковид вирусот кај нас ?
Олумчев:
„Во мај 2023 година, Светската здравствена организација прогласи крај на пандемијата COVID-19, но во август инциденцата повторно почна да расте, во светот, и кај нас.
Во текот на август во Република Македонија беа пријавени вкупно 112 случаи на ковид-19, за разлика од минатата година во истиот месец кога имаше над 12,000 случаи. Но, гледајќи го графиконот на забележани ковид-случаи во последните две недели од септември, може да кажам дека бројот на пријавени случаи е зголемен за 50 пати. Ако на 8 септември сме имале еден случај, во петокот, на 22 септември, таа бројка е веќепорасната на 52 случаи, од кои дури половината се реинфекции. Ова покажува две работи. Прво, дека и во наредниот период , со враќањето на децата во училиште и температурните промени се очекува да се зголемуваат случаите на ковид, покрај другите вируси што веќе циркулираат, и второ, имаме опаѓање на имунитетот кој беше стекнат со вакцинирањето и прележувањето на овој вирус кај населението.
 
Поради брзината со која се шират, на новите мутации треба да се гледа посериозно, бидејќи повеќето луѓе се во непосредна опасност, особено постарите и хронично болните. Затоа, во консултација со колегите и раководниот тим од Општата болница во Гевгелија, веќе се формирани тимови, направени се протоколи и сите други подготовки, како би можеле спремни да го дочекаме есенскиот, и зимскиот, не би го нарекол ковид бран, туку „твинфекција“, односно преклопување на инфекциите од ковид и од грип. Дали сето тоа ќе премине во „твиндемија“, или „двојна пандемија“, тоа ќе може да го утврдиме кога ќе се зголеми бројот на пациентите кои ќе се тестираат.“
 
-Во околните земји, Србија и Албанија, секојдневно растат бројките на заразени со новите мутации на ковид. Кај нас рековте дека не е сеуште загрижувачка ситуацијата, освен што Комисијата за заразни болести препорача носење на маски во здравствените установи.
Олумчев:
„Тоа е нормално, бидејќи, веќе спомнав дека очекуваме во наредниот период да се зголеми бројот на инфекции, не само од ковид, туку и од други инфективни заболувања како грип, аденовируси, риновируси, респираторен синцицијален вирус (РСВ), а со носењето маски се заштитуваме себе си и другите. Според мене, носењето маски треба да биде кодекс на однесување, особено во зимскиот период, не само во случај на инфекција од ковид, туку и во случај на инфекција од било кој вид на инфективна болест Во моментот, ја следиме ситуацијата а таргет група сега, а и во наредните месеци ќе ни бидат повозрасните пациенти и хронично болните. Кај помладата популација не очекуваме некакви проблеми бидејќи оваа инфекција тие полесно ја преболуваат.
Овде би напоменал дека, според мене, потребно е и тестирање на оние здравствени работници кои покажуваат симптоми на некоја инфекција. Особено оние кои работат на хируршките и интерните одделенија и кои би можеле да се „тргнат“ на два-три дена од ризичните точки во болницата, а кога ќе им помине инфекцијата, повторно да се внесат во работниот процес.“
 
– Што не очекува во наредните, постудени месеци?
Олумчев:
„Очекувам да се зголемува бројот на ковид случаите. Веќе имам двајца пациент кај кои се појави промена кај белодробието, четворица кои на брз тест беа позитивни и очекувам да и на тестот да бидат исто така, така да со зголемување на тестирањето ќе се зголемуваат и случаите на ковид. Сега за сега нема некоја потешка симптоматологија но, будно ја следиме ситуацијата. Кон крајот на октомври ќе стигне вакцинацијата за сезонскиот грип, која со години покажува добри резултати, а дали во зимскиот период ќе имаме и сезонска вакцина против ковид, која веќе се практикува во Соединетите држави, тоа не зависи од нас докторите, туку од повисоките инстанци. Доколку се набават такви вакцини, тие нема да бидат задолжителни, туку, како и со вакцините против грип, ќе бидат по избор.
 
Во ноември очекувам да дојде до преклопување на грип и ковид симптоматологијата, кои ќе бидат слични, што ќе трае се додека не стекнеме силен имунитет, и додека не биде познат резултатот од, јас ја нарекувам „гладијаторската“ битка на ковид подвидовите со вирусот на грип во нашиот организам. Тие, нормално, мора да се борат меѓу себе за превласт, премногу ќе има мутации и ќе нема место за сите. Затоа, во тој случај очекувам поекстремна симптоматологија кај пациентите, како резултат на таа борба.
 
Значи да завршам, сега, за сега, според познатите информации за омикронските „правнуци“, „пирола“ и „ерис“, тие не треба да претставуваат потешка клиничка слика на ковид. Симптомите ќе бидат покачена телесна температура, губење на чувството за вкус и мирис, болки во грлото, кашлица, замор, течење на носот. Овие симптоми се слични на оние на слаба респираторна инфекција. Епидемиолошката состојба не би требало да бара мерки, како тие од пред три години, изолации, карантини и слично, туку треба да се внимава особено на старите и хронично болните, таа е нашата таргет група,„ вели доктор епидемиолог Сашо Олумчев.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *