„РЕКРЕАТИВНИТЕ СПОРТСКИ АКТИВНОСТИ СЕ НАЈДОБРА ПРЕВЕНТИВА ПРОТИВ БОЛЕСТИТЕ. ЗАТОА ШТО ПОВЕЌЕ ШЕТАЊЕ ВО ПРИРОДА, ПЕШАЧЕЊЕ, ТРЧАЊЕ, ВОЗЕЊЕ ВЕЛОСИПЕД.“
„ Кај нас, освен активните спортисти, кои се редовни, сѐ поголема е и бројката на рекреативци, од оние што се занимаваат со фитнес, велосипедизам, планинарење, трчање во природа, куглање и друго, кои доаѓаат на прегледи. Ги има над 1.000 годишно, на различна возраст, и од мое искуство, можам да кажам дека често се во подобра физичка кондиција од некои од активните спортисти. Од година на година има сѐ повеќе рекреативци, што говори дека се зголемува бројката на оние што водат здрав живот – вели Соња Алексовска, специјалистка по спортска медицина од Службата за превенција и здравствени услуги на спортисти при ЈЗУ Здравствен дом – Скопје.“
Спортот и рекреацијата имаат суперпревентинвно дејство против кардиоваскуларните болести, го намалуваат нивото на шеќерот и на маснотиите. Исто така, го подобрува и социјалниот живот, особено во моментната ситуација, во услови на пандемија на ковид-19. Препорачливо е сите да издвојат дел од своето време за рекреација, затоа што живееме во бурно време, во справување со секојдневни проблеми што ни ја трујат душата.
Дури и малото зголемувања на редовната физичка активност може долгорочно да има големо влијание врз здравјето. Активноста помага во спречувањето болести, а телото правилно се развива и се одржува. Според препораките на стручњаците, физичката активност е потребна, но задолжително со совети од стручни лица. Спортската активност не мора да значи силна физичка напрегнатост, туку едноставно раздвижување на телото со пешачење, трчање, возење велосипед…