ГЕВГЕЛИЈА ПРВА ОПШТИНА ВО МАКЕДОНИЈА ВО КОЈА СЕ ПРОИЗВЕДУВААТ ЕКО ПЛОЧКИ ОД ОТПАДНА ПЛАСТИКА
ДРАГИЦА ЧОБАНОВА:
ГЕВГЕЛИЈА ПРВА ОПШТИНА ВО МАКЕДОНИЈА ВО КОЈА СЕ ПРОИЗВЕДУВААТ ЕКО ПЛОЧКИ ОД ОТПАДНА ПЛАСТИКА
Од неодамна во Гевгелија, и за прв пат во Македонија, во погоните на компанијата „Близнак ком“ започна производството на еколошки плочки од отпадна пластика, која е собрана од депониите во Гевгелија и од околните општини и се користи како суровина. Драгица Чобанова, проектен координатор на граѓанската организација „Еко лајф“, вели дека плочките од еколошка пластика покажуваат одлични карактеристики. Според направените испитувања на нивните својства, тие се безбедни, издржливи, цврсти и, пред сè, еколошки.
Тоа значи дека може да се користат за истата намена како и конвенционалните плочки. На пример, за поплочување тротоари, детски игралишта, дворови и други надворешни површини
Од неодамна во Гевгелија, и за прв пат во Македонија, во погоните на компанијата „Близнак ком“ започна производството на еколошки плочки од отпадна пластика, која е собрана од депониите во Гевгелија и од околните општини и се користи како суровина. Драгица Чобанова, проектен координатор на граѓанската организација „Еко лајф“, вели дека сè започнало лани во април 2021 година, кога трите партнерски компании „Близнак ком“, „Еко тим исток“ од Кочани и „Екопроект-ко“, добиле финансиски средства од 50.000 долари за спроведување на проектот „Намалување на отпадната пластика на територијата на Општина Гевгелија, преку производство на екоплочки од пластика“.
Половина од овие средства биле обезбедени од Глобалниот еколошки фонд, Програмата за мали грантови, а останатите од компанијата „Близнак ком“ од Гевгелија, како партнер на проектот.
– Иако технологијата за производство на екоплочки за надворешна употреба е позната на светскиот пазар, во Македонија, како и во регионот, досега немало производство на плочки од отпадна ПЕТ-пластика. Морам да кажам дека го пресликавме искуството од Ерменија, поради тоа и овој наш прв ваков македонски производ се прави со технологија што се користи во оваа земја – вели Чобанова.
Целта на овој проект е овие екоплочки од пластика да ги заменат стандардните плочки произведени од цемент и со тоа да се придонесе во подобрување на состојбата со зачувувањето на животната средина во Општина Гевгелија, но и во земјата.
– Пластиката е насекаде околу нас поради многу причини. Тоа е силен, издржлив, лесен, разновиден и евтин материјал. Но, кога не се фрла одговорно, нејзиното влијание врз животната средина станува загрижувачко. Речиси осум од десет пластични шишиња завршуваат на депониите.
Помалку од 1% од пластичните шишиња се рециклираат. Рециклирањето на едно шише заштедува доволно енергија за светилка од 60 вати да работи шест часа. Покрај заштедата на енергија, значително се намалува и емисијата на стакленички гасови. Затоа сметавме дека со изработка на екоплочките од пластика, помалку пластика ќе заврши на нашата депонија, а повеќе ќе се искористи да се произведе еден нов, иновативен продукт, какви што се екоплочките – објаснува Чобанова.
Во текот на спроведувањето на проектот е набавена опрема за производство на екоплочките и е направено пробно производство, за кое е користена отпадна пластика собрана во Општина Гевгелија и песок како додаток.
– Сè уште сме во фаза на пробно производство, по кое ќе следува и сертификација на производот. Се започнува со дробење на отпадната пластика во посебна машина – дробилка која, во рамките на проектот, ја набавивме од Бугарија. Откако ќе се издроби пластиката, се префрла во машина заедно со песокот за да се измешаат, во размер 50 проценти пластика : 50 проценти песок. Вака измешаната смеса се става во електричен екструдер, каде што се топи на температура од 230 Целзиусови степени.
Стопената смеса потоа се става во калап на преса, каде што се пресува и се добива готова плочка. На крајот од процесот, таа се става во ладилник за да ја задржи формата, а потоа додаваме и специјална боја за поубав изглед – објаснува Чобанова.
Таа вели дека плочките од еколошка пластика покажуваат одлични карактеристики. Според направените испитувања на нивните својства, тие се безбедни, издржливи, цврсти и, пред сè, еколошки. Тоа значи дека може да се користат за истата намена како и конвенционалните плочки. На пример, за поплочување тротоари, детски игралишта, дворови и други надворешни површини.
– Отпадната пластика ја набавуваме од партнер компаниите на проектот „Близнак ком“ од Гевгелија и „Екопроект-ко“ од Кочани. Месечно, овие компании собираат од 40 до 50 тони отпадна пластика и од Општината и од југоисточниот регион. Со пет тони отпадна пластика ќе произведеме околу 15 тони екоплочки. Според количините направени во рамките на пробното производство, проценуваме дека капацитетот на производството ќе биде околу три квадратни метри плочки или во бројка – 60 плочки произведени за еден час – кажува Чобанова.
Во моментот, во фаза е пробното производство, по што ќе следува испитување на физичко-механичките својства на екоплочките од страна на ЗИМ АД Скопје и сертификација на производот. По завршувањето на овој процес и добивањето на сертификатот, за еден месец планираат да започнат со континуирано производство.
– Можам да кажам дека добриот глас надалеку се слуша. Самата наша идеја предизвика интерес кај дел од општините, поединците и стопанските капацитети од Југоисточниот и од Источниот Регион. Во план ни е потпишување меморандуми за соработка за употреба на екоплочките помеѓу нашите здруженија на граѓани и сите заинтересирани купувачи – нагласува таа.
Чобанова порачува луѓето да рециклираат пластика, затоа што тоа е добро и корисно за животната средина и има заштеда на енергија.
– Следниот пат кога ќе го купите вашиот омилен пијалак, не фрлајте го шишето лесно заедно со друг отпад или далеку, во потокот… Рециклирајте го и направете ситница за животната средина. Ако го правите ова секој пат кога купувате пијалак во пластично шише, вашиот мал придонес дефинитивно ќе направи голема разлика – потенцира Чобанова.
Отсега Гевгелија нема да биде позната само како „македонскиот Лас Вегас“ туку ќе се препознава и како првата општина во Македонија која произведува екоплочки од отпадна пластика, и со тоа ќе се придонесе помалку пластика да заврши на депониите, а што повеќе да се искористи да се произведе еден нов, иновативен продукт.
Прегледи: 387
