ГЕВГЕЛИЈА СТАНУВА ВЕЛОСИПЕДСКА ТУРИСТИЧКА ДЕСТИНАЦИЈА
„СИТЕ УФ СЕРМЕНИН“- МУЛТИМЕДИЈАЛНО, ЕКОЛОШКО И СПОРТСКО ДРУЖЕЊЕ НА ВЉУБЕНИЦИТЕ ВО ВЕЛОСИПЕДОТ, СПОРТОТ И УМЕТНОСТА.
Велосипедисти, или по гивгилиски, точкаџии од сите страни на Македонија, во недела, на 24-ти септември, ќе се соберат во прекрасното село Серменин, во пазувите на планината Кожуф. Организаторот, велосипедиското здружение„Гевгелија точак клуб“, под покровителство на Општина Гевгелија, ќе го организира првиот официјален Mountain biking настан „Сите уф Серменин“. За тоа што значи зборчето „ава“ во најавниот слоган на настанот „Мама писке, тато дава, јас ќе одам уф Серменин на ава„. Според Гевгелексиконот на професорот Стефче Стефанов, ава значи воздух. Значи, иако мама ќе ви писка, ќе ви вика, тато, сепак ќе даде на сите вас, кои сте љубители на велосипедизмот и убавото дружење, да заминете во Серменин на чист планински воздух.
За самиот настан нешто повеќе од претседателот на клубот Венци Ристов.
– Ристов, Гевгелија има богата велосипедска традиција, уште од 50-те години на минатиот век, кога постоел велосипедски клуб и се организирале трки со „точкови“ во Гевгелија и околните места. Долго време ваков клуб немаше во Општина Гевгелија, се додека не се појави „Гевгелија точак клуб“
„Да, во право сте, во Гевгелија, која нели е „рамна ко тепсија“, во минатото а и денес, немало куќа во која немало 2 до 3 велосипеди, така да може да се рече дека Гевгелија, според точковите, наликувала и наликува на некој холандски град. Нашиот клуб, кој беше формиран минатата година, од помал број на ентузијасти, еве по две години постоење брои над 120 членови од Гевгелија, Богданци, Дојран и населените места во околината. Членови имаме од различни возрасти, а на сите нив заедничко им е, дружењето, пријателството и заедничката страст за велосипедизмот. Тие страсти се вкоренети во тимска работа, лојалност и несебичност. Во изминатиот период во ГТК бевме многу активни, организиравме повеќе настани, манифестации пред стотици посетители а учествувавме и на 20-на настани организирани од други велосипедски здруженија во Македонија.
– Овој месец, поточно, на 24 септември се подготвувате за Првиот официјален МТВ натпревар „Сите уф Серменин“. За каков настан се работи?
„ За овој месец септември го подготвивме првиот официјален Mountain Biking настан кој што се наоѓа и во званичниот календар на Асоцијацијата на Велосипедисти во Македонија. Настанот ќе го одржиме на 24-ти септември, недела, на планината Кожуф, поточно во селото Серменин, место за кое што во Општина Гевгелија се изготвени планови да стане атрактивна туристичка дестинација за неколку години.
Овој настан ќе се состои од рекреативно возење, значи ќе нема натпреварувачки карактер. Учесниците ќе може да одберат една од двете подготвени патеки, онаа подолгата, околу 40 километри, и онаа покусата, во должина од 27 километри, со висинска разлика од 700 метри. Очекуваме над стотина учесници, велосипедисти и голем број, над 300 рекреативци кои пеш, со велосипед, или пак со организиран автобуски превоз ќе дојдат во селото Серменин“
-Во вашата најава, овој настан е именуван како мултимедијално, еколошко и спортско дружење на вљубеници во велосипедизмот, спортот и уметноста. Што се ќе се случува тој ден во Серменин?
„На настанот кој што ќе биде од мултимедијален – забавен карактер ќе учествуваат и други здруженија на граѓани: алпинисти, екологисти, планинари, моторџии, шахисти, параглајдеристи, радио аматери, навивачка група, кошаркари, фудбалери, ракометари-ки и уметници. Шахистите ќе играат шах, пинг-понгарите, пинг-понг, уметниците ќе цртаат. Главна идеjа за учество на вака широк спектар од невладини здруженија е вмрежувањето на истите, повеќе дружење, запознавање меѓу присутните, договарање и започнување на заеднички проекти во иднина.
– Најавувате учесници од речиси цела Македонија.
„ Очекуваме учесници од повеќе градови, како Скопје, Велес Струмица, Кавадарци, Неготино, Валандово, Демир Капија, Штип. Радовиш и многу други. Освен најавените над стотина велосипедисти, очекуваме и голем број, над 300 рекреативци кои пеш, со велосипед, или пак со организиран автобуски превоз ќе дојдат во селото Серменин“ а ние, како организатори, ќе се потрудиме ова да биде почеток на традиционален настан кој што ќе се одржува секоја година. Она што може да биде интересно за читателите е податокот што освен градоначалникот на Општина Гевгелија, кој е покровител на настанот, и градонаќалникот на Валандово, своето присуство го најави и Амбасадорот на Словачка , голем пријател на Македонија и уште поголем љубител на велосипедизмот, неговата екселенција Хенрих Маркуш со своето семејство.“
– Кажете ни нешто за самото село Серменин каде што ќе се одвива настанот.
„Серменин е едно од постарите села во околината на Гевгелија, кое е познато и како вистинска воздушна бања. Чист воздух, борова шума и ниската влажност го прават одлично место за посета и прошетка. Место на почетокот на настанот ќе биде паркот помеѓу црквата св Георгиј која е изградена 1843-та година и зградата на првото училиште за учители во Македонија. Освен оваа црква, во селото и околината ќе можат да се посетат и водопадот “Вера”, како и манастирот “Св. Илија”, како од учесниците на велосипедските тури, така и на рекреативците и спортистите.
-На крајот, имате ли некоја порака до читателите на Вечер?
„Ако имате желба и слободно време, ќе ни биде особена чест да бидете дел од првиот мултимедијален и забавен Mountain Biking настан „Сите Уф Серменин”. Ве очекуваме во 12 часот, во недела , на 24 септември, точно напладне, да се дружите со сите присутни, како гевгеличани, така и со луѓето од цела Македонија. . Информациите пред, за и по настанот ќе ги објавуваме на web страницата www.gtk.mk facebook страницата на ГТК, facebook групата на ГТК, instagram профилот на ГТК.
И, да напоменам, дека во случај на лоши временски услови, настанот ќе се презакаже за наредната недела, на 1 октомври.
Прегледи: 378
