Да бидеш меѓу првите десет во светот во правење на пица, хранливиот производ чија „татковина“ е токму Италија, тоа е исто како на Еским да му продадеш фрижидер. Но, шегата на страна, пица мајсторот Синиша Чамџик од Гевгелија, кој е вработен во пицеријата „УНО“ во нашиот најјужен град, го направи токму тоа. Докажа дека, не само Италијанците се мајстори во правење на вкусни пици, туку дека и Македонците можат тоа добро да го прават, па дури и подобро од нив.
Светското првенство на „Пица без граници“ се одржа во Рим на, во мултифункционалниот изложбен простор на Rome Food Excel.
На овој шампионат, кој беше организиран под покровителство на општина Рим, Здружението на римска пица и во соработка со Master Pizza Champion учествуваа преку 250 мајстори од целиот свет. Македонскиот тим, покрај Синиша Чамџик , го сочинуваа уште и Дејан Трајанов – Чеде од Охрид и Хисен Таири од Тетово. Сите тројца се натпреваруваа во категориите Пица класика, Пица Наполетана и Мистери бокс. Ментор на тимот беше Зоран Јованоски Паламаро, од Accademia Pizzaioli Macedonia.
Синиша Чамџик е еден од најдобрите пица мајстори во Македонија. Правењето совршена пица го започнал како хоби, а го усовршил кај маестро Зоран Јованоски Паламаро на лиценцираната Академија за пица мајстори. Тој е длабоко навлезен во техниките за правење Пица Наполетана и Пица контепоранија или модерна наполитанска пица. Во државава на рака можат да се избројат мајсторите кои ги прават овие видови пица. Синиша е еден од нив.
Кога го побаравме Синиша да му честитаме на овој навистина голем успех, тој скромно ни заблагодари и накратко ни раскажа како успеал да биде меѓу најдобрите во правење на трите „најтешки“ пици.
„Беше многу возбудливо но и напорно, ни рече Синиша, затоа што судиите ја оценуваа комплетната работа на натпреварувачите, почнувајќи од хигиената во боксот, отворање на тестото, техниката на печењето, изгледот на пицата и најважно, нејзиниот вкус. Имавме, продолжи Синиша 10 минути за подготовка на пицата, и на крајот јас, во категоријата Пица Наполетана имав такви високи оценки што го зазедов осмото место.
Ова е голем успех, не само за мене, скромен е и натаму Синиша, туку и за моите колеги бидејќи и тие имаа солидни резултати. Сакам да изразам голема благодарност до инструкторот Зоран Јовановски Паламаро и среќен сум што ја претставивме Макњедонија во најдобро светло, како што доликува.
Го прашавме , на крајот Синиша да ни открие дали има некоја тајна во правењето добра пица.
„Тајни големи нема, одговара Синиша, но како што велат и самите Италијанците, не е лесно и се зависи од тестото кое се состои од 5 артикли: брашно, вода, квасец, сол и петтата, но најважна е љубовта и страста која треба да се поседува. Ако ја нема љубовта и страста, не можеш да бидеш добар мајстор на една наполитанска пица“,
„Во Македонија може да се заработува добро како пица мајстор , да се заработува над просечната плата. Побарувачката за пица мајстор во Македонија е многу голема затоа што доста луѓе кои имаат големо искуство заминуваат да работат во странство од финансиски причини. Но јас сакам да успеам тука во Гевгелија и Македонија и се одлучив да останам овде. “ – ни изјави на крајот Синиша.