Во организација на Дом на култура Гевгелија, а во Уметничката галерија „Амам“, на 18. октомври(среда) 2023 година, со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложба на слики на уметникот Трајче Чатмов.
Трајче Чатмов е роден 1971 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во класа на професор Рубенс Корубин. Магистрира на истиот факултет под менторство на професор Родољуб Анастасов.
Своето прво самостојно излагање Чатмов го имал непосредно по своето дипломирање, во Домот на културата во Охрид во 1997 година, во рамки на „Охридско лето“, и со тоа започнува неговото претставување како академски сликар.
До сега имал десетина самостојни изложби во државата, а учествувал и на повеќе меѓународни групни изложби. Неговите изложби, главно, се поставувани во галериски простори. Има реализирано десетина самостојни изложби, а учествувал на исто толку групни изложби дома и во странство. Покрај сликарството се занимава и со фотографија , анимиран филм и документарен филм за што и има добиено неколку награди во 1997/8год – најдобра камера и најдобра режија за краткиот документарен филм „Времиња“.
„Доколку се земе предвид, дека првата средба што ја имав со сликарството на Трајче Чатмов пред дваесетина години, беше циклус на слики со наслов „Патувањата на умот“, тогаш може да се констатира дека неговото патувањето во „Светот на сликарството“започнува далечната 1992.година, кога се запишува на насоката за Сликарство при Факултетот за Ликовни Уметности во Скопје.
Патувањата на умот, со кое „ме купи на прва“, всушност беа енформелски асоцијативни апстракции во големи формати, каде со комбинирање на лазурот, сегментална текстура и загасит колорит, се формираа обриси на Пејсажот и Космосот.
Денешното Сликарство на Чатмов, кое би се осудил да го дефинирам како „Еспресионизам на современото живеење“, ни покажува дека авторот во измитатите три децении поминал огромно сликарско растојание.
Денешното сликарство, кое Чатмов го прави препознатлив на регионалната ликовна сцена, колористички богато, каде палетата – на прв поглед сирова, крие сензибилни и експресивни добро изградени површини.Формите се поетски–разиграни, се усудувам да кажам, Матисовски, но за разлика од Анри Матис каде индивидуата се става втор план, со цел потенцирање на ритуалниот сегмет, ликовите во сликите на Чатмов се карактерни личности. Од ликовен аспект, тие се дисциплинирани тродимензионални форми, кои во комбинација соенергичен и профилиран колорит, и пастуозна текстура, создаваат перфектно изградена ликовна целина.
За разлика од раните сликарски експерименти, клучниот мотив во денешното сликарство на Чатмов е обичниот човек и неговото опкружување. Исто така, Чатмов не се лишува да направи забелешки поврзани со одредени историски настани, и на истите да им вметне емотивна и емоцијална примеса.Неговото сликарство е отворено, искрено и спонтано, всушност каков е и тој самиот.
Доколку се земе предвид дека Визуелните уметности се универзално прифатливи од причина што по своја структура, се лишени од сите културолошки, национални, јазички, верски бариери, тогаш сликарството на Чатмов по својата структура, покрај тоа што може да се окаракреризира како вонсериско, би можело да се дефинира како вонвременско.
Просто, тоа е жива емоција, забелешка на едно време, време сегашно.“