КАКО СЕ ДВИЖЕЛ БРОЈОТ НА НАСЕЛЕНИЕТО ВО ГРАДОТ ГЕВГЕЛИЈА ОД МИНАТОТО ДО ПОСЛЕДНИОТ ПОПИС. ОД 100 ЖИТЕЛИ ВО 1530 ГОДИНА ДО 21.582 ВО 2021 ГОДИНА

Според дефтерот за демографија на населбите за Паша санџакот во областа на Сол-Кол од 1530 година, од времето на султанот Сулејман Величествениот, тогашната населба Гевгелија ( во дефтерот именувана како Гевгел) броела околу 100-тина, ѝ можеби, нешто повеќе жители. Во официјалните графи на овој османлиски даночен попис, стои дека, во Гевгелија имало 24 домакинства, 13 ергени и 5 вдовици. Други податоци за населбата Гевгелија, од овој период, нема. Тогаш населбата Гевгелија се наоѓала во состав на Аврет-Хисарската (Кукушката) каза.
 
Според податоците на Стефан Верковиќ, што ги добил преку кукушко-полјанскиот епископ Партениј Зографски, во 1860 година, Гевгелија имала 215 куќи од кои 180 биле македонски, 25 турски и 10 куцовлашки. Во овој период во Гевгелија се населува турското, влашкото и циганското население, со што населението е веќе зголемено повеќекратно.
Од 1890 до 1912 година бројот на населението во Гевгелија се движи од околу 4.200 до нешто над 5.000 жители. Според податоците на В. Кʹнчов, во 1895 година, Гевгелија броела 4.175 жители, од кои 3.000 христијани ( се мисли на македонци), 650 турци (мухамеданци), 175 чекрези, 120 власи – христијани и 230 цигани.
Непосредно пред Балканските војни, Гевгелија брои, нешто, над 5.000 жители и според брзиот економски раст на градот, Гевгелија била нарекувана „Кучук Сељаник“ (Мал Солун).
 
Според пописот на населението во Кралството СХС од 1921 година, непосредно по Првата светска војна, Гевгелија броела само 2.792 жители, такашто овој податок доволно укажува на тектонските поместувања во однос на демографската состојба на населението во град Гевгелија во текот на кобната Прва светска војна. Околу 2.000 жители биле раселени од кои само една четвртина , подоцна се вратиле. Во 1925 година, Гевгелија и градската чаршија на градот, личече на вистинско стопанско мртвило.
 
Според официјалната годишна статистика на Кралствово Југославија од 1936 година, Гевгелија непосредно пред Втората светска војна, одвај достигнала до 4.000 жители.
Град Гевгелија после Народно ослободителната борба (НОБ), односно, во 1944 година, имала околу 4.000 жители.
По Втората светска војна, во Република Македонија се спроведени 8 декадни пописи : во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991, 1994 и во 2002 година. Според податоците на овие државни пописи,односно, според податоци на Државниот завод за статистика на Република Македонија, населението во град Гевгелија во 1948 година броело 4.967 жители.
Според пописот во 1981 година во град Гевгелија има 9.410 жители.
 
Во 1991 година се одржа првиот нецелосен попис во самостојна Република Македонија, кој според податоците на Државниот завод за статистика во град Гевгелија живеат 15.041 жители.
Според пописот на населението во Република Македонија во 2002 година, градот Гевгелија брои 15.685 жители , додека целата Општина Гевгелија, 22.988, од кои 22.258 македонци, 214 власи, 347 срби и 149 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во градот Гевгелија живеат 15.156 жители, а во Општина Гевгелија, во кој состав влегуваат 17 населени места, вкупно живеат 21.582 жители. Од нив 19.778 македонци, 266 власи, 217 срби и 274 останати.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *