МАЈА ПРОДАНОВА, ПЕДАГОГ ПРИ СОУ „ЈОСИФ ЈОСИФОВСКИ“ – ГЕВГЕЛИЈА

„ОБРАЗОВАНИЕТО Е ВАКЦИНА ПРОТИВ НАСИЛСТВОТО“ – ОЛМОС
 
Од денес, петок, 13 октомври, започнува кампања во делот на менталното здравје која ќе има за цел да пренесе пораки за подигање на свеста за булингот, информираше пред некој ден министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.
Кампањата започнува од Валандово и Струмица заедно со амбасадори, со поддршка на УНИЦЕФ, со извидници, со млади, токму од младите за младите за да ја подигнеме свеста за врсничкото насилство, за превенција, и за препознавање на насилството, рече Тренчевска.
 
Општинската организација на Црвен крст Гевгелија, пак, токму со трибина наменета за откривање, решавање и спречување на булингот како зачестена појава меѓу младите ја одбележа неделата на Превенција на хумани вредности за 2023 година, и како да ја најави оваа кампања на Министерството за труд и социјална политика.
 
На трибината одржана во СОУ “Јосиф Јосифовски” свое излагање пред присутните ученици имаа: Светлана Митровска – психолог при СОУ “Јосиф Јосифовски” – Гевгелија, Маја Проданова – училишен педагог при СОУ “Јосиф Јосифовски”- Гевгелија, Тони Аврамов – професор по македонски јазик и литература, Лазар Мешков – секретар на Црвен крст Гевгелија,Сашка Карајанова – стручен соработник при Меѓуопштински Центар за социјална работа Гевгелија и Ристо Петров, претставник ма ОВР Гевгелија.
 
За врсничкото насилство, колку е тоа присутно во образованието и како да се превенира оваа раширена појава меѓу младите, разговаравме со Маја Проданова, училиштен педагог во СОУ „Јосиф Јосифовски“-Гевгелија.
 
Што е всушност „булингот“?
Проданова:
„ Булинг или врсничко насилство е вознемирувачко искуство за секое дете. Последиците од таквото малтретирање може да се носат со години, па и цел живот…
Врсничкото насилство би можело да се дефинира како агресивно однесување кое има за цел да повреди друга личност или на физички, или пак на емотивен план. Врсничко насилство се случува ако одредена форма на агресија се повторува, како чест физички или вербален напад, ширење гласини, исклучување на детето од одредени активности или бројни комбинации од слични деструктивни акти.
Насилниците ги наоѓаат своите жртви кои поради нешто се послаби и поранливи во споредба со другите деца (име, религија, физички изглед, начин на облекување, тоа што носат очила, немаат нов телефон. .) Често се тивки, повлечени, мирни, несигурни и претпазливи деца кои имаат ниска самодоверба. Тие обично се многу приврзани за родители кои често (не секогаш) може да се опишат како презаштитнички.
Во последните години многу внимание се посветува на проблемот со малтретирањето, т.е. врсничко насилство. Училиштата и образовните институции се само едно од местата каде се случува овој вид насилство. Она што го покажува најновото истражување е загрижувачко – доминацијата на сајбер-малтретирањето.“
 
Какво е влијанието на врсничкото малтретирање и сајбер насилството врз психолошкото здравје на младиот човек?
Проданова:
„Децата-жртви на врсничко насилство обично патат од чувство на страв, тешкотија и фрустрации кои често им прават да се чувствуваат беспомошно, незаштитено и осамено. За некои деца ваквите искуства можат да бидат крајно повредувачки и на тој начин би можеле да се соочат со посттрауматски стрес кој би се пролонгирал. Мешавината од емоции кои што овие деца ги доживуваат е изразено токсична за нивната психолошка состојба.
Ваквите емоции можат да прераснат во состојба на „отровен“ срам што го поддржува чувството на беспомошност во однос на однесувањето со другите врсници, па така овие деца веруваат дека дури ниту повозрасните не би можеле да им помогнат.
Секое дете чувствува основна психолошка потреба дека треба да се чувствува поврзано со блиските, да биде прифатено и сигурно во околината во која што живее. Тука е и потребата за способност да влијае врз луѓето што го опкружуваат – сака да се чувствува дека е важно, забележано и успешно во однос на своите интеракции со другите. Кога едно дете не може да си ги задоволи ваквите потреби низ вообичаените односи со врсниците, може да избере погрешен начин на дескруктивно однесување и приклучување кон лошо друштво Типични последици од ваквите стресни искуства се: проблеми при учењето, физички болести, потешкотии во размислувањето, стрес, преголема осетливост, поради која се јавува бес и насилно реагирање, дури и во моментите кога за тоа навистина нема потреба, чувство на очајност и депресивност, како и чувство на безнадежност што може да кулминира со самоубиствени мисли.“
 
Како се справувате со овој проблем во вашето училиште?
Проданова:
„Во склоп на Годишната програма за работа на училиштето имаме изготвено Програма за превенција од насилно однесување, злоупотреба и занемарување на деца, како и Протокол за справување со насилството во училишната средина.
Општата цел е да се унапреди квалитетот на живот на учениците со примена на : мерки на превенција за безбедна средина за живот и образование на учениците, како и мерки на интервенција во ситуации кога се јавува насилство. Вклучени се сите групи ( ученици, наставници, стручни соработници, административен кадар, директор, родители, технички персонал, локална заедница) во реализирање на активности од едукативен карактер, дефинирање на процедурите и активностите за заштита од насилство и реагирање во такви ситуации и информирање на сите што се вклучени во воспитно- образовниот процес за процедурите и постапките, како и ефективноста и ефикасноста на мерките за превенција. Сите групи имаат своја улога и одговорност во случај на насилство внатре или надвор од училиштето. Затоа сите се запознати со правната регулатива во однос на оваа проблематика. Партиципативно се градат кодекси на однесување и програма за заштита на учениците од насилство, се организираат едукативни предавања, работилници и анкети за ненасилна комуникација и конструктивно решавање на конфликти, трибини, дебати, претстави, изложби за сигурноста и заштитата на учениците од насилство, се дефинираат последиците од кршење на кодексите на однесување, се развиваат вештини за ефикасно реагирање во ситуации на насилство, се подобруваат мерките за превенција и вмрежување на сите клучни носители за превенција од насилство (Совет на родители, Училиштен одбор, Наставнички совет и други инволвирани институции). Имаме перманентна соработка со сите релевантни институции : МВР, ЦСР и Здравствен дом. Континуирано се евидентираат сите случаи, а воедно се дава максимална поддршка на децата кои се жртви на насилство. Се водат континуирано советодавни разговори со учениците и со родителите.
Едукацијата за зголемување и проширување на знаењата на наставниците и стручните соработници за препознавање и спречување на насилно однесување, злоупотреба и занемарување се врши со посета на семинари и обуки, средби за размена на искуства помеѓу директори, стручни служби, наставници и други релевантни институции. Учениците, наставниците, родителите, заедно со стручната служба се вклучени во проекти и програми понудени од страна на МОН, НВО, здруженија и други институции. Во текот на минатата учебна година беше спроведен проектот “ Врснички форум театар против насилство во училиштата“ , во соработка со здруженијата „ Од станица до граница“ и „Рубикон“. Благодарение на тимската работа во училиштето и спроведувањето на програмата за превенција од насилно однесување, злоупотреба и занемарување на деца, во нашето училиште оваа проблематика е сведена на минимум.“
 
Како може родителите да влијаат врз децата кои што вршат насилство врз соучениците, како и врз децата кои трпат насилство?
Проданова:
„Родителите можат да одиграат значајна улога кај децата кои што вршат насилство и кај децата кои трпат насилство. И во двата случаи, родителите треба да го следат однесувањето на своето дете, да ја регистрираат секоја промена во неговото однесување и расположение и да проверуваат дали е сѐ во ред. Тие, исто така, треба да го подучуваат детето на позитивно однесување, да му укажуваат на грешките што ги прави и да го учат на нови вештини за комуникација, но и да им објаснат дека секогаш кога ќе дојде до врсничко насилство, потребно е да се обратат кај возрасна личност (родители, наставници или други личности во кои што имаат доверба). Затоа е најважно тоа дека ние, возрасните, треба да ги слушаме и разбереме децата и нивните проблеми, да не им ги минимизираме истите и да се потрудиме да не реагираме пренагласено кога ќе се случи некаков проблем. Во такви ситуации е важно да реагираме на начин кој ќе им помогне на децата да се соочат со реалноста и правилноста, да им понудиме помош и поддршка и да им послужиме како модел за конструктивно решавање на настанатата проблематична ситуација.“
 
За крај, некоја порака како педагог за борбата против врсничкото насилство?
Проданова:
„Секое дете има право на заштита од каква било форма на насилство, злоупотреба и запоставување. Нема причина зошто детето би претрпело насилно однесување од некого, ниту пак има причина што може да ја оправда недоволната реакција на возрасните при преземањето мерки за заштита на детето. Ние, како педагози и психолози предупредуваме дека секое отстапување во вообичаеното однесување на детето може и мора да биде аларм за родителите и експертите. Децата кои се жртви на насилство имаат потреба од третман, но и децата со насилничко однесување. Превенцијата и систематското дејствување се од клучно значење. Тоа значи дека покрај активностите за зајакнување на семејството, потребно е враќање на воспитната улога на училиштата и олеснување на воннаставните активности на децата, финансиска поддршка и афирмирање на нивниот здрав развој преку спортот, јазиците, уметноста.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *