„НАСМЕВКАТА НА НИВНИТЕ ДЕТСКИ ЛИЦА ВЕЛИ- „И ЈАС СУМ ТУКА“. ИЗЛОЖБА ВО ГЕВГЕЛИЈА НА ФОТОГРАФИИ И КНИГА ПОСВЕТЕНА НА ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ.

ЉУБИЦА ТИМОВА, МАЈКАТА НА ВИКТОР: ДА НЕ ИМ ГИ ПОЛНИМЕ ГЛАВИТЕ НА МАЛИТЕ СО НЕБУЛОЗИ, ЗАТОА ШТО
 
 ДЕЦАТА СЕ РАЃААТ БЕЗ ПРЕДРАСУДИ:
 
Во Гевгелија, синоќа, во присуство на голем број граѓани од Гевгелија и пошироко, уметницата Мирјана Крстева Массети во Пионерскиот дом во Гевгелија ја овори изложбата на фотографии „И јас сум тука“, фотопортрети на 20 лица со посебни потреби Луна, Христијан, Марија, Ѓорѓи, Севда, Александар, Христина, Светомир, Ива, Калин, Ерато, Никола, Вероника, Данчо, Катерина, Златко, Ивана, Виктор, Верче и Борче кои се главните херои на изложбата „И јас сум тука“ . Тие живеат во повеќе градови на Македонија, на различна возраст се, но она што сите ги поврзува и обединува во оваа фото-изложба е насмевката која е измамена на нивните лица. Таа насмевка вели – „И јас сум тука“ и повикува на будење.
 
Истовремено, беа промовирани книгата „И јас сум тука“, посветена на овие лица, како и македонскиот превод на „Не престанувајте да се гушкате“ од Оса Емрот.
– „И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана. Предрасудите лесно се создаваат, а тешко се надминуваат, кажаа на отворањето авторите, новинарката со гевгелиско потекло Сребра Ѓорѓиевска и фотографот Тоше Огњанов. Мошне емотивно на своите сограѓани им се обрати Сребра, која не го криеше задоволството што после Скопје, Гевгелија е вториот град во Македонија каде доаѓа оваа изложба.
На настанот се обратија и отец Димитар Ташев и Љубица Тимова, двајца од четворицата родители на децата со попреченост од Гевгелија, чии фотографии се најдоа во книгата „И јас сум тука“. Го издвојуваме излагањето на мајката на Виктор, Љубица Тимова, која на едноставен начин ги разбива предрасудите на овие деца кои сакаат да бидат сакани и дел од заедничкото живеење и творење во нашето општество
Почитувани посетители на оваа уникатна изложба,
Јас сум мајката на Виктор , кој е дел од овој проект и во името на Виктор и на нашето семејство , сакам да им кажам огромно БЛАГОДАРАМ, на Сребра и Тоше, кои не поканија да учествуваме во овој несекојдневен проект. Го памтам денот , кога во услови на над 47 гевгелиски степени целзиусови, дојдоа Сребра и Тоше на договорената средба, и ја реализираа активноста интервју и фотосесија на толку лесен и едноставен начин, со толкаво разбирање , трпеливост, и умешност . Ни Тоше ни Сребра колку што знам се специјални едукатори или обучени за комуникација со лица со попречености, но ете ни покажаа дека само со чиста мисла ,отворено срце и голема љубов, може да се успее во идеата која ја носеа. Тоше, ти си единствениот фотограф кој успеал вака убаво да го долови син ми, Сребра ти си меѓу ретките новинари која ретко ме корегира, и која од навидум обичен муабет го вади најпоентираниот текст. Што е предрасуда ?
Со предрасудите се борам скоро 19 години и верувајте е многу напорно и тешко. Предрасудите постојат во секој сегмент на ова општество, кај да се свртите, од семејство, од градинки, училишта, болници, институции, а главни причини се неинформираноста и стравот од различностите.
Предрасуда е кога бабата на внуче во парк му вели, ,,Тргни се , не гледаш детето не е во ред!…Предрасуда е кога раководители на образовни институции велат ,,ние немаме можност да го примиме вашето дете ОТИ Е ПРЕПОЛНО..а не е…Предрасуда е кога доктор вели НЕ ОЧЕКУВАЈТЕ МНОГУ ОД ВАШЕТО ДЕТЕ…Предрасуда е кога професор на катедри за специјални едукатори вели ЛИЦАТА СО АУТИЗАМ СКОРО ПА И НИШТО НЕ МОЖАТ ДА НАУЧАТ, ПОСТИГНАТ…а не е така, ене го син ми писмен е…
Еден доктор кој и самиот е татко на лице со попреченост еднаш одамна ме посоветува вака: НЕ ГИ КРИЈТЕ ДОМА ДЕЦАТА, ОДЕТЕ ВО РЕСТОРАНИ, КАФИЧИ, ДОЗВОЛЕТЕ ИМ ДА ТРЧКАРААТ, ДА ИСПУШТААТ КРИЦИ, ТАКА ПРАВИТЕ ДОБРО, ЗА ОСТАНАТИТЕ, ДА СЕ НАВИКНАТ, ДА ГИ ГЛЕДААТ, ДА ГИ СЛУШААТ И ПОСТЕПЕНО ДА ГИ ПРИФАЌААТ.
И многу бил во право, а јас го послушав и до ден денес се борам против предрасудите.
Се надевам дека филмот ,,The Catwalk,,кој беше дел на целиот проект наскоро ќе биде емитуван и тука , и дека вакви проекти и во иднина ќе има , затоа што само така заеднички ќе ги рушиме предрасудите, особено кај возрасните, оти тие воспитувајќи им ги наметнуваат на децата и внуците.
Да не им ги полниме главите на малите со небулози , затоа што ДЕЦАТА СЕ РАЃААТ БЕЗ ПРЕДРАСУДИ , и ќе креираат поубави политики и општество за лицата со попречености.
Тешко е да се соочите со проблем за кој во моментот многу малку се знае. Пред 15 години аутизмот беше голема непозната не само за нас како родители, туку и за лекарите, психолозите, наставниците. Виктор, со голема помош на своите соученици го заврши деветто одделение во основното училиште „Владо Кантарџиев“.– Да не беа децата од одделение, особено неговиот другар-ангел Даниел Ристовски, одличната наставничка Татјана Илин и дефектолозите, Виктор немаше да стигне до нивото што го има сега. Тој особено ги сака математиката и информатиката, а поради слабата вербалност, послабо му одат општествените науки.
Виктор сега учи во средното стручно училиште „Никола Карев“ во Струмица, електротехничка насока.
– Ќе се обидеме со вонредна настава. Се одлучивме за средно стручно, оти некако сум убедена дека во гимназиското образование нема добра инклузија. Виктор многу ги засака компјутерите и затоа натаму ќе го насочиме образованието. Нѐ чекаат нови битки, ама ние сме навикнати на тоа – вели Љубица.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *