ОБЈАВЕНА НОВЕЛАТА „ДО*АДНАТА КНИГА“ ОД СТЕФАН МАРКОВСКИ

Деновиве беше издадено новото прозно остварување на македонскиот писател Стефан Марковски, новелата „До_адната книга“ во издание на Современост – Скопје. „До*адната книга“ е дваесетта книга, но и прва новела на Марковски. Според меѓународната стандардизација, прозните дела кои се составени од помалку од 40 000 зборови спаѓаат во оваа книжевна категорија.
Дејството во новелата е динамично, со разгранета, сложена и нелинеарно структурирана композиција, подлегнувајќи на постојани и тешко предвидливи пресврти, кои освен што ја одразуваат повеќеслојноста на самата реалност, ја наоѓаат својата улога и како дел од експериментот кој е и централна тема.
Една од главните области на овој истражувачки експеримент е развивањето специфични облици на вештачкоинтелигентна технологија чијашто цел, покрај другото, е и проучувањето на досадата, наспроти афинитетите и допаѓањата, со цел подлабинско и посеопфатно разбирање на човекот и човечкото.
 
За книгата, драмската авторка м-р Катерина Момева во освртот пишува:
Важноста на ова книжевно остварување е во постапките со кои целото е создадено, кои се крајно инвентивни и невообичани, во обид да се прекршат некои постулати во книжевноста, а сепак доследно и консеквентно, искреирано со крајно истанчен вкус, со интелектуална префинетост која предизвикува оригинални естетички толкувања.
Ова е дело кое во себе ја содржи постапката на расплетување, следејќи ја свеста и процесите што се случуваат кога ти е наметнатa вина, бидејќи наметнатата вина предизвикува понекогаш поголемо страдање од самата вина, докажувањето на невиноста е исто така макотрпен процес.
 
Притоа темата која ја одбира и разработува е многу актуелна, бидејќи во последно време одредени движења за родова еднаквост се фокусирани на жртвата на жената и го исклучуваат мажот како можна жртва, особено на некои општествени движења. Отсликувањето на светот и неговите различни слоеви е изведено преку разни начини на разигрување на егото, суперегото и идот на централниот лик, и самите екстериоризирани во различни облици – еднаш како доктори, другпат како раскажувачи и револуционери по урнекот на Робеспјер, Дантон и Мара. Тој е во полусвесна состојба, па и во несвесна во дел од приказната и нему му е имплантиран чип кој има за цел да ги истражува неговите емоции, а со помош на кој на крајот и ќе ја докаже невиноста. Затоа авторот си дава слобода преку централниот лик и неговата задумност да ја критикува апсурдноста на човековите вредности за животот во секојдневието.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *