Во Гевгелија, со полагање свежо цвеќе на спомениците на народните херои, како и пред Спомен костурницата во центарот на Гевгелија беше одбележана 79 годишнината од Денот на излегувањето на првите партизани во Гевгелиско – 26 април. Цвеќиња положија делегации на општинската организација на СЗБ од НОВ-Гевгелија, на локалната самоуправа предводена од градоначалникот Андон Сарамандов, како и на претставници на политички партии и граѓански здруженија.
Пред присутните, за значењето на овој датум зборуваше професорот по историја, Миле Смилков.
-Излегувањето на партизаните од овој крај се совпаднало со Велигденските празници пред 79 години кога било договерено тие да излегуваат во групи поради безбедносни причини, истакна професорот Смилков, кој посочи дека првата група партизани излегла токму на 26 април 1943 година, нагласувајќи дека овој ден треба да се слави бидејќи е многу значаен за историјата на Гевгелија.
-Македонскиот народ, посочи професорот, низ историјата водел многу битки за свое ослободување, но токму со учеството во Втората светска војна, на страната на Антифашистичката коалиција, се оствари вековната желба за самостојна македонска држава.
Затоа, вечно сме им благодарни на сите оние знајни и незнајни борци кои го положија својот живот, за да ние, нивните потомци, денес живееме во мир, заврши професорот Миле Смилков.