РАЗГОВОР СО ЃОРЃЕ РИЗОВ, ЧОВЕКОТ КОЈ СО ВЕЛОСИПЕД СЕ ИСКАЧИ НА „ПОКРИВОТ НА АФРИКА“ – КИЛИМАНЏАРО

Животот е како возење велосипед. За да одржите рамнотежа, мора да продолжите да се движите“, рекол Алберт Ајнштајн.
Со оваа мисла на големиот научник ја започна својата големата и незаборавна одисеја, гевгеличанецот Ѓорѓе Ризов, кој комбинирајќи го велосипедизмот со планинарењето, со ранец наполнет со опрема, храна и вода, и дополнително со велосипедот на грб, по екстремно непријатен терен го освои Килиманџаро, највисокиот планински масив во Африка, кој се наоѓа во североисточна Танзанија, на границата со Кенија. Највисокиот врв е Ухуру, кој се наоѓа на 5.895 метри надморска височина.
 
Како ти падна така „генијална“ идеа на памет да го искачиш Килиманџаро на точак, кој беше предизвикот?
 
„Долгогодишното искуство кое го имам со планинскот екстремен велосипедизам, некако ми всади идеа да го искачам токму Ухуру со велосипед, а предизвикот е неговата висина, огромни 5895 метри надморска височина“
 
Претходно на тројца македонци, велосипедисти им успеа тоа за прв пат, но ти си првиот кој го направи ова сам, се разбира со водич, имаше ли стравување, дали ќе успееш ?
 
„Може да биде голем предизвик да се искачиш со велосипед на планина, бидејќи тоа бара одредено ниво на физичка подготвеност и рамнотежа. Важно е да носиш соодветна заштитна опрема и секогаш да ги следиш правилата на патеката и зборовите на твојот водич. Секако дека имав малку стравување дали ќе успеам, но кога тргнав, посилно проработе во мене инаетот и, пред се, храброто македонско срце и ете,успеав.“
 
Се занимаваш со екстремен велосипедизам, тренираше ли пред да заминеш за Танзанија?
 
„Би кажал дека нешто што специјално го правев за ова искачување на Килиманџаро беше одењето на Кожуф. Планината Кожув е и ми беше искрен тренер, цели два месеци пред да тргнам за Танзанија тренинзите ги изведував и по три пати во неделата.“
 
Како се организираше да стигнеш до Танзанија?
 
„До таму патував со авион. Цела ова организација за искачување на Килиманџаро со велосипед ја подготвував речиси една година, но од се најважно ми беше да најдам добар водич. Второ, да ги примам сите вакцини и да земам соодветни лекови. Но сето ова нема да беше се така лесно без советите на претходните наши Македонци кои веке го имаа искачено Ухуру.“
 
Имаше ли проблеми со аклиматизацијата и какво време те следеше додека возеше до врвот ?
 
„Во последната и највисоката етапа од експедицијата почнав да чувствувам блага главоболка, од надморската височина, но сето тоа не ми претстави проблем.. Временските услови беа прекрасни, времето беше сончево, чувството фантастично.“
 
По каков терен возеше до планината, каков беше пејсажот околу тебе?
 
„Прекрасните планински патеки ми овозможија возењето да ми биде мотивирачко и многу по енергично. Поминав низ мали прекрасни села обраснати со палми и банани, ме следеа многубројни птици во различни бои , беа таму и мајмуните и други егзотични животни кои ги нема кај нас. Поминав и по познатата така наречена “дожлива шума. Дождовните шуми во Танзанија зафаќаат мали области, главно ограничени на изолирани вулкански планини, каква што е Килиманџаро. ,Шумите се доста густи и влажни Импресиите кои ги симнав од Килиманџаро ќе останат врежани во мене до крајот на животот.“
 
На која надморска височина ти беше стартот за велосипедското освојување на Килиманџаро и на колку етапи стигна до врвот Ухуру?
 
„Тргнав на 25ти септември од 1700 метри надморска височина а на 28-ми септември во 08:40 го искачив Ухуру, нормално со неколку базни логори.
 
Кој момент ти беше најтежок,затоа што искачувањето на Килиманџаро е комбинација од возење, туркање и носење велосипед на граб.
 
„Најтежок ми беше делот од 4700 метри па се до самиот врв, затоа што велосипедот морав цело време да го носам на грб.Наместо јас да бидам качен на велосипедот, тој ми беше „качен“ на мојот грб“.
 
Што е клучно да се успеа да се реализира ваков потфат, дисциплина, храна, пиење вода…
 
„ Би рекол пред се дисциплината, а потоа добрата аклиматизација, високо енергетската храна, многу вода и, секако, позитивна енергија“
 
Какво е чувството кога си на таа височина а си со твојот верен другар велосипедот ?
 
„Најнапред, не ни бев свесен дека се искачив, бев обземен со интензивни чуства и емоции. Ми требаше неколку минути да сфатам дека го реализирав мојот потфат, додека чуствотото не можам да го опишам со зборови.“
 
Имаше ли проблеми со велосипедот, издржа ли без да се расипе некој дел ?
 
„Пред да заминам за Танзанија моите верни пријатели од Bike Centar Гевгелија одлично се погрижија да го “дотераат„ мојот велосипед и нормално немав никаков проблем.“
 
Како изгледаше слегувањето надолу, возеше ли „стотка“ на саат?
 
„Надолу почнува забавниот дел. Симнувањето ке биде целосно доловено со видео запис објавено на моите социјални мрежи во најскоро време. Ќе ви оставам на вас сами да го доловите моментот кој што неможе да се објасни. Треба да се види и доживее.“
 
Накратко некој интересен детал од искачувањето
 
„Најинтересно беше тоа што јас бев единствениот велосипедист мегу сите планинари и сите беа вчудоневидени. Сите ми аплаудираа и ме мотивираа со позитивни комплименти. Она што нема да го заборавам се прекрасните изгрејсонца, особено оние кога си на височина над 5.000 метри.“
 
Имаш ли намера повторно да освојуваш некој друг врв, се разбира со твојот верен другар, точакот 
 
„Секако имам планови за во иднина но прерано е да зборувам за нив. Барем се додека ме држат импресиите од ова искачување.“
„За мене не е важно дали врне или сонцето сјае или што и да е. Се додека возам велосипед знам дека сум најсреќниот човек на светот“ – ова е изјавата на познатиот Марк Кевендиш, рекордерот по бројот на етапни победи (34) на Тур де Франс, 38-годишниот британски велосипедист, изјава која ја оставив за самиот крај на овој напис, за да со неа барем малку ви помогнам да разберете каков човек е Ѓорѓе .
 
Килиманџаро досега го имат освоено многу планинари во светот но многу малку велосипедисти. Од пред некој ден во тој клуб е запишано и името на координаторот за екстремен велосипедизам при Гевгелија Точак Клуб, Ѓорѓе Ризов.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *