„СИЛЈАН ШТРКОТ“ БИЛ ЗГРИЖЕН ВО ДВОРОТ НА СВЕТЛАНА И, КАКО ВО ПРИКАЗНИТЕ, ПО ДВА ДЕНА, ТАА ДОБИЛА ВНУКА!

Нема кој не ја знае приказната за Силјан Штркот. „Силјан Штркот“ е најпознатата и најдолгата македонска народна приказна и се смета за врв на народната проза. Според тематиката, делото претставува волшебна народна приказна (сказна), зашто во неа е опишана преобразбата на човекот (Силјан) во штрк и неговата повторна преобразба во човек.
Според грчката митологија, божицата Хера, која вообичаено е заштитничка на бракот, ја претворила својата соперничка во штрк за да и наштети, а подоцна роднината се обидела да го украде синот на Хера кога тој бил сè уште бебе.
 
Нашата сограѓанка, Светлана Стојковиќ, ни раскажа интересна приказна, која не потсети и на приказната за Силјан Штркот, и на одговорот на нашите родители на прашањето како доаѓаат децата на свет, приказна која еве ја споделуваме со сите вас.
Имено, во текот на јули, враќајки се околу полноќ во својата куќа, на улицата „7-ми Ноември“ здогледала штрк, кој не можел да лета и се движел по средината на улицата. Бидејќи постоела опасност да биде згазен од некој автомобил, или пак нападнат од некои кучиња, Светлана, побарала помош од група на млади кои седеле во близината. Едно од помладите момчиња успеал да го фати штркот, па Светлана, со негова помош, успеала да го однесе во дворот на својата куќа.
 
Ноќта, таа му оставила кофа со вода и натопен леб, бидејќи штркот бил изнемоштен, и од милост го нарекла Силјан. Утредента Светлана му купила смрзната риба, која „Силјан штркот“ во сласт ја изел. Светлана, како што ни раскажа, се обидела да повика и ветеринар, но за жал, тој бил на годишен одмор. Таа вели дека според положбата на едното крило, најверојатно тоа крило му било повредено.
Штркот останал и тој ден во дворот, а наредниот ден, кога се разбудила, Светлана видела дека штркот го немало. Најверојатно, претпоставува таа, тој успеал да го прелетал ѕидот на нејзиниот двор. Подоцна била информирана од неколку свои познаници дека штркот бил виден во блиската околина, но и покрај сите заложби да се најде и да добие ветеринарна помош, од Силјан повеќе немало трага.
 
На крајот, следува најинтересниот момент, кој Светлана со возбуда ни го кажа. Неполни два дена откако Силјан си заминал, Светлана станала баба, добивајки прекрасна внука.
И, ајде после не верувајте во одговорите на вашите баби и дедовци дека навистина штрковите ги носат децата. Се разбира, во тоа никој не верува, но овој хуман гест на нашата сограѓанка нека не натера да помагаме секогаш на животните кои се во опасност, а ние, како редакција ТВ Нова 12, на внуката на Светлана и посакуваме многу здравје и долг живот.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *