СО СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА, ДОСТОИНСТВЕНО, ОДБЕЛЕЖАН 90-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ НА КУД „ТАНЕЦ“- МИРАВЦИ

Културно-уметничкото друштво „ТАНЕЦ“од Миравци, Гевгелиско, оваа година слави еден голем, и за македонската култура значаен јубилеј, 90 години постоење и успешна работа. Ова друштво е едно од двете најстари културно уметнички друштва во Македонија и на Балканот, првото е КУД „Панче Пешев“ од Куманово.
 
Со свечена академија, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, вчера, на платото пред Домот на културата во Миравци, КУД „Танец“ од Миравци го прослави својот 90-годишен јубилеј. Во одбележувањето на 90-годишно опстојување на домашната и меѓународната сцена, како амбасадори на македонската етнокултурна традиција, организаторите беа почестени со присуството на почесните гости, делегати на културно-уметничките друштва: началникот на општина Јабланица, Босна и Херцеговина, Дамир Шабановиќ, градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, КУД „Пријатељи“ од Јабланица, Босна и Херцеговина; КУД „Јаблановец“, од Запрешиќ, Р. Хрватска; КУД „Печинци“ од Р. Србија и КУД „Паја Зариќ“ од Нови Карловци, Р. Србија, како и нивните долгогодишни пријатели, поддржувачи и соработници.
Управниот одбор на КУД „Танец“- Миравци им додели плакети и признанија за значаен придонес во развојот и постигнувањата на најстарото фолклорно друштво.
 
Пред присутните, свое обраќање имаше претседателот на КУД „Танец“- Миравци, Мицо Јакофовски, кој се осврна на историјатот на Друштвото и неговите постигнувања. Исто така, упати благодарност до гостите што се дел од прославувањето на 90-годишниот јубилеј. На почетокот на свечениот настан, настапија машкиот и женскиот состав на КУД „Танец“- Миравци, а програмата беше збогатена и со настапот на вокално-инструменталниот состав „Аманет“.
Без минато не бидува иднината, без да се твори сегашноста не се создава историјата. Сè што создаваме како личности, сè што создаваме како народ го дефинираме со поимот фолклор. Македонскиот фолклор, автентичен по својата природа, содржи уникатни елементи и го претставува целокупното духовно творештво на нашиот народ. Ништо во животот не е поважно од својот род, не може едно дрво да расте без својот корен, затоа што коренот нè крепи, нè поттикнува, нè турка во височините на бескрајното општество, посочува за „Вечер“ претседателот на друштвото Мицо Јакофовски.
 
А корените на КУД „Танец“ се протегаат се таму до далечната 1932 година од минатиот век. Тогаш, од страна на сопружниците, српски учители, кои учителствувале во Миравци, се формира прво како фолклорна секција и така работи две години. Под името „Танец“ најпрво се споменува на Државниот натпревар на фолклорните друштва во тогашното кралство Југославија, во Љубљана во 1935 година, каде учествува како победник од регионалните натпревари за фолклор во склоп на кралството.
Од тогаш, па се до денес, друштвото гордо го носи името „Танец“ од Миравци. На овој натпревар во Љубљана, друштвото се претставува со изворни русалиски игри од својот крај и ја освојува првата награда, со што се стекнува со можност да настапи на меѓународен фолклорен фестивал.
Од самото основање па до денес, друштвото работи непрекинато, со исклучок на времето додека траела Втората светска војна. Низ ова друштво поминале доста генерации кои достоинствено ја презентирале и ја презентираат богатата културна традиција, како на својот крај, така и на Македонија.
 
Друштвото продолжува да ја негува изворната Македонска традиција, преточена во многубројни традиционални ора и кореографии, како и на традицијата на Русалиите и нивните обичаи . Во својата богата историја, имаат остварено значајни постигнувања и успеси, како во земјава, така и во странство, на кои сите генерации, членови на КУД „Танец“ од Миравци се гордеат.
Друштвото е два пати добитник на наградата 7-ми Ноември на Општина Гевгелија, во 1982 и 2019 година за допринос во зачувувањето и развојот на културните вредности во општината.
 
Секоја година, на третиот ден од Велигден, Друштвото ја организира традиционалната манифестација „Ѓура Мара“, манифестација по која е препознатливо Миравци и неговата околина и која се базира на вистински наста од времето на турското владеење, за братот Ѓуро и спасувањето на неговата сестра Мара, која се обиделе да ја одведат турците, настан кој се случил токму во ова живописно населено место на југот од Македонија.

Бесплатно преземање е дозволено со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на tvnova12.mk.

За сите споделени фотографии (графики), ТВ Нова 12 има екслузивно право да ги користи или истите се превземени од социјалните медиуми, запазувајки го кодексот на "фер употреба" - корисни за општеството (ТВ НОВА 12 има за цел да информира и известува и употребата на фотографиите (графиките) е исклучливо за некомерцијални цели).
Доколку, материјата на фотографиите (графиките): навредува, нарушува углед, или негативно отсликува состојба, или не е запазено авторското право Ве молиме контактирајте не, за да соодветно реагираме!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *