На последната, деветта седница на Советот на Општина Гевгелија на дневен ред беа Советнички прашања. Сите советници имаа можност да постават прашања на кои одговараше Градоначалникот Андон Сарамандов.
Во продолжение ќе ги презентираме одговорите на најинтересните прашања.
Одговарајќи на прашањето за решавање на сообраќајниот хаос во градот, градоначалникот Сарамандов рече дека за Зонското паркирање веќе има готов проект кој во наредниот период ќе оди на јавна анкета, треба да се изгради приватна катна гаража зад стариот пазар, Хаосот на улицата кај Општата болница ќе се решава со ставање столбчиња на средната линија, а дали на местото на стариот пазар ќе има парк или катна гаража ќе се знае откако ќе почне да се решава сообраќајниот хаос. Лично сметам дека таму треба да има катна гаража, а нов градски парк е предвиден кај месноста „Топлик“. Во моментот кај стариот пазар се рушат потпорните ѕидови и се прави пешачка патека, бидејќи таму улицата е тесна.
Што се однесува до Западниот булевар, таму работите не се стопирани, извршена е експропријацијата, исчистен е теренот, таму треба да да се направат водоводни и канализациони линии како и поставување електрично осветлување, а некаде во септември планираме да почнеме со поставување на долниот строј, за што се обезбедени средства. За целосна реализација на овој приоритетен проект за општината се потребни уште 1.650.000 евра.
За реновирање на Младинскиот дом во Моин, кој е во катастрофална состојба, на состанокот на Југоисточниот плански регион од вкупно 44 милиони денари, 11 милиони се доделени на Општина Гевгелија токму за Младинскиот дом во Моин, и очекувам на почетокот на 2023 да започне обновата.
Проблемот со кучињата скитници веќе се решава, Обезбеден е простор до Пречистителната станица, уинаку бивш објект на „Винојуг“, за кој Агенцијата за храна и ветеринарство се произнесе дека ги задоволува сите услови. Во моментот се работи за формирање на нова организациона единица во ЈПКД „Комуналец“ за оваа намена, а во последно време се намалени кучињата скитници, благодарејќи на тоа што Полицијата откри три комбиња како носат кучиња од други места.
Одговарајќи на прашање до каде е работата со донесувањата на нови Урбанистички планови, градоначалникот Сарамандов потенцираше дека два се веќе донесени, а дека 4 се на чекање за одобрување во Министерството за транспорт и врски. Особено ни е важен рече Сарамнадов УП за блок 12, просторот меѓу Вардарски рид и Железничката станица.
Новата депонија очекуван во најскоро време да проработи, таа веќе има добиено Б интегрирана дозвола, а во месец април истата беше во пробна функција.
На прашањето за одземените ингеренции на Општината во поглед на ЈОУГД „Детска радост“, Сарамандов одговори дека не се одземени целосните ингеренции, како што се тврдеше од некои советници, туку се одземени ингеренциите само во делот на Завршната сметка. Кога и дали ќе се смени Надзорниот одбор во Детската градинка, за тоа, рече градоначалникот одлучува Советот на Општина Гевгелија.
Во однос на реновирање на спортските терени, во моментот, посочи Сарамандов, ги средуваме фудбалските терени на стадионите на ФК Кожуф и оној во Мрзенци каде тие тренираат а потоа ќе го средуваме и фудбалскиот терен во Миравци.
Изградбата на водоводната линија Негорци -Прдејци ќе зависи од тоа кога ќе заврши експропријацијата на дел од земјиштето, а за тоа дали на местото на стариот пазар ќе биде парк или катна гаража, се ќе зависи од тоа како ќе се реши сообраќајниот хаос.
Инаку, градоначалникот најави отворање на we-fi и street viewer бесплатни точки во градот и населените места, како и субвенции за велосипеди за граѓаните на Општината.