Изминатиот викенд во Валандово, во организација на АБГ Инвестмент и брендот Кувет се одржа стручно предавање, обука за одгледување на калинка, органско производство, можности за откуп, како и прилагодување на одгледувањето на калинки на климатските промени за стотина одгледувачи на калинка од регионот.Практичните и стручни совети ги пренесе искусниот агроном од Турција, Сердар Кајнар чија експертиза е одгледување калинки, маслинки и цитрусно овошје.
Првата од трите обуки се осврна на одгледувањето на калинка од почетокот на вегетацијата до цвет. Беа разгледани повеќе аспекти околу старите и новите сорти на калинка, можностите за развој, како и потребите на пазарот. На обуката беше истакнато дека локалните сорти на калинки кои се одгледуваат во земјава, генерално се поотпорни на климатски промени, имаат поголем обрт и прекрасен вкус, но не трпат транспорт и поради тоа немаат можност за извоз. Од друга страна, новите сорти како Хиџес или Вондерфул, за кои има побарувања и пазар во Европа и светот и од кои има насади, имаат поголема сензитивност при одгледувањето и советите беа насочени кон одгледувањето на овој тип калинки, со оглед на фактот што калинката во светот се смета за супер овошје и се смета во топ три овошја заради својот потенцијал од над 15 поволни придобивки од консумацијата на калинка.
„Светот е гладен за здраво овошје, а тоа е сериозна можност за раст и развој на нашиот регион и тој потенцијал ние мора да го искористиме. Многу е важно да произведуваме прва класа на калинка и тоа овошје да го извезуваме во Европа. Исто е важно калинките од втора и трета класа да ги произведуваме во сокови, џемови, оцети, масла, чај. Единствен регион во земјата каде се одгледува калинка е валандовско-гевгелискиот регион и ние мора тоа да го искористиме за да обезбедиме поголем економски бенефит на целото население овде и со можности во иднина да извезуваме во Европа.“ – истакна Ристе Гошевски, директор на АБГ инвестмент.
Споредувајќи ги сортите на калинки кои се произведуваат во Турција и во С.Македонија, г. Кајнар истакна дека голем потенцијал во регионот лежи во производството на прва класа на калинка за да може да се извезува во Европа, особено заради тоа што географската локација и прекрасната медитеранска клима со богата почва има многу голем потенцијал за одгледување и за развој на калинката на повисоко ниво. Во однос на предизвиците за одгледување на калинката,особено во условите и начинот на наводнување на насадите,Кајнар посочи дека постојат мерки и можности за брзо и ефикасно подобрување, со што можеза кусо време да се постигнат поголеми резултати.
„Одгледувањето на калинка е традиционално во овој регион, искуството кое се пренесува од генерација на генерација веќе го имате, и мило ми е што со традиционалните методи на одгледување на калинки се практично сосема органски. Голема предност на овој регион е чистата и здрава еколошка средина, без поголеми загадувачи и убаво да се искористиголемиот потенцијал наоваа микролокација за одгледување на органска калинка.“– потенцираше Кајнар.
Искусниот агроном одговори и на бројните практични прашања кои беа поставени од страна на присутните одгледувачи на калинки, фармери и производители.
Обуката се спроведе во рамки на проектот на АБГ Инвестмент и брендот Кувет, со финансиска поддршка од Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.
Програмата ИМЕ работи на зајакнување на бизнис секторот во С.Македонија, подобрување на квалитетот на понудените производи и услуги, проширување на пазарите и создавање на поволна средина во секторите: одржливо земјоделство и одржлив туризам, како и дигитализација на овие сектори.